Цената на електрична енергија кај домаќинствата за првиот блок се намалува за 4,11 проценти, за вториот блок за 2,95 проценти, на третиот блок се зголемува за 0,85 проценти, а за четвртиот се зголемува за 7,65 проценти
Цената на првата блок-тарифа сега ќе биде 7,41 денар по киловат-час. За вториот блок ќе биде 7,84 денари по киловат-час. Цената за третиот блок ќе изнесува 8,74 денари и цената за четвртиот блок 18,81 денар
Струјата за домаќинствата во првиот и во вториот блок од 1 јануари се намалува, а се зголемува во третиот и четвртиот блок. Намалување има и на цената за малите потрошувачи, соопшти денеска на прес-конференција претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.
Цената на електрична енергија кај домаќинствата за првиот блок се намалува за 4,11 проценти, за вториот блок за 2,95 проценти, на третиот блок се зголемува за 0,85 проценти, а за четвртиот се зголемува за 7,65 проценти.

Во новата цена на струјата од 1 јануари е пресметано и зголемувањето на ДДВ од 5 на 10 проценти.
„За да не се почувствува ефектот од зголемувањето на ДДВ, ги намаливме цените во првиот и вториот блок“,
рече Бислимовски информирајќи дека делумно се прифатени барањата на енергетските компании, како и дека има фактори на корекција кои ги имплементирале во одлуката.
Како што информираше, вкупната цена за електрична енергија на малите потрошувачи од 1 јануари се намалува за 20,15 проценти. Таа цена ќе се применува за 70 000 компании во државата кои во изминатиот период се соочувале со зголемени трошоци. Тоа се мали и микрокомпании, мали дуќани, фризерници, берберници, мали кафулиња, рече Бислимоски.
Според него, 99,2 проценти од домаќинствата во државата ќе имаат намалени цени на електрична енергија.
„Доколку продолжат домаќинствата да штедат, многу мал процент ќе имаат зголемени трошоци за електрична енергија. Тоа се конкретни мерки коишто ќе им помогнат на граѓаните за да им се подобри нивниот животен стандард“,
рече Бислимоски.
Тој соопшти дека со овие одлуки, цената за пренос на електрична енергија се намалува за 8,66 проценти, а за дистрибуција за 19,54 проценти. Тоа, посочи, е дополнителна помош и за компаниите коишто се на слободниот пазар на електрична енергија затоа што нивните трошоци за мрежарина, која го вклучува преносот и дистрибуцијата се намалуваат речиси за 20 проценти.
„Она што е исто така многу битно, во изминатиот период имаше реакции дека трошокот за мрежарина е поголем од трошокот за енергија. Сега тоа ќе се промени поради тоа што трошокот на дистрибуција на електрична енергија за категоријата каде што се приклучени домаќинствата тоа е ЛВ2 се намалува за 20,6 проценти“,
рече Бислимоски.
Цената на првата блок-тарифа сега ќе биде 4,73 за енергија, а цената за мрежа е 2,68 денари или вкупно 7,41 денар по киловат-час ( претходно вкупната цена беше 7,71 ден./киловат-час)
За вториот блок ќе изнесува 7,84 денари по киловат-час, (претходната цена беше 8,06 ден./киловат-час)
Цената за третиот блок сега ќе изнесува 8,74 денари (претходната цена беше 8,66 ден./киловат-час)
Цената за четвртиот блок ќе биде 18,81 денар (претходната цена беше 17,48 ден./киловат-час)
Евтината тарифа претходно беше 3,99 денари, сега ќе изнесува 4 денари. За малите потрошувачи во скапа тарифа сега ќе изнесува 13,73 денари по киловат-час, а евтината тарифа 10,78 денари.
Во пресрет на денешната одлука на РКЕ, МЕПСО побара зголемување на цената за пренос на електрична енергија за 29,75 отсто, „ЕВН електродистрибуција“ намалување на услугата за дистрибуција за 2,8 отсто, а универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ зголемување за пет отсто на цената за снабдување на малите потрошувачи и домаќинствата.