Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) одзеде две лиценци за трговија на големо со горива на компании од Скопје. Поточно на „Петринакс“ им е одземена лиценцата за трговија со мазут (М-1), а на „Гуливер инженеринг“ за трговија со еуродизел БС. Лиценците, како што појаснуваат од РКЕ, се одземаат поради тоа што трговците на големо не доставиле докази дека поседуваат резервоари за соодветниот нафтен дериват.
„Двајца трговци на големо не доставија докази дека имаат резервоари за складирање на дел од нафтени деривати, што се основни средства за работа. Токму поради тоа што не поседуваат основи средства РКЕ донесе одлуки со кои им ги одзеде лиценците за вршење на енергетска дејност за еуродизел БС на ‘Гуливер инженеринг’ и на ‘Пертинакс’ за мазут. Овие трговци не можат да тргуваат со овие поединечни деривати, затоа што немаат лиценца“,
вели Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.
Што се однесува за постапките за одземање лиценци, кои беа отпочнати за оперативните резерви на мазут, РКЕ ги добила записниците од извршениот инспекциски надзор на Државниот пазарен инспекторат во кои се констатира дека трговците ги поседуваат оперативни резерви, по што биле донесени одлуки со кои се запрени постапките за РКМ од Скопје, „Ли-оил“ од Кавадарци, „Супертрејд“ од Скопје.
До РКЕ документи дека поседува резервоари за еуросупер БС 95 доставила фирмата и „Дади оил“ од Виница, а од „Башино гас“ од Велес, пак, приложиле документи за обезбедени резервоари за вршење енергетска дејност – трговија на големо со течен нафтен гас (ТНГ).