Состојбите во македонското правосудство и борбата против корупцијата не се поместени од „мртва точка“ и се на истото ниво од пред 15 години. Ова е заклучокот што може да се извлече од изјавата на поранешниот амбасадор на САД во земјава, Филип Рикер кој во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител рече дека коментарите на актуелната американска амбасадорка Анџела Агелер за правосудството во земјава се истите што тој ги давал додека ја вршел функцијата пред 15 години.

Коментарите на кои се реферира Рикер се однесуваат на писмото што амбасадорката Агелер на 11 април го испратила до институции на извршната и судската власт во С Македонија во кое ја изразува својата и загриженоста на Соединетите Американски Држави за состојбите со правосудството.
Рикер, кој е поранешен помошник државен секретар на САД, беше амбасадор на Соединетите Американски Држави во земјава во периодот од 2008 до 2011 година, во време кога на власт во земјава беше Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и тогашниот лидер на партијата Никола Груевски.
Прашан дали и тој е разочаран од резултатите од реформите во правосудниот систем и борбата со корупцијата, Рикер вели дека најважно е тоа што луѓето се разочарани и тоа го слуша од пријатели и луѓе што ги среќава на улица, иако во земјава е само неколку дена.
„Тие се фрустрирани и незадоволни од напредокот во однос борбата против корупцијата. Овде не се работи за партии, ова е за одлуки на земјата како целина. Сите да кажат ќе го промениме ова. САД го поддржаа тоа. Коментарите кои слушам дека ги дала амбасадорката Агелер, се истите коментари кои јас ги давав кога бев амабсадор пред 15 години. Ние сакаме да инвестираме во реформски напори преку различни програми за да помогнеме со судските реформи, да едуцираме што е од витално значење и мислам дека сме вложиле нешто над 560 милиони долари низ годините за да помогнеме во овие напори. Тоа е инвестиција и ние сакаме да видиме резултат од таа инвестиција. Користа од таа инвестиција треба да биде за сите луѓе во Северна Македонија да можат да се чувствуваат покомотно во своите работи. Ние имаме вакви дебати во САД, имаат и другите земји, но вие сите заедно мора да направите напор за да видите промени и поинаков пристап“,
вели Рикер.
Инаку, актуелната амбасадорка Анџела Агелер во писмото кое го објави ТВ Алсат конкретно ја истакнува својата и загриженоста на САД во врска со првостепените пресуди против високопрофилирани личности кои Апелацискиот суд ги укина и ги врати на повторно судење, поради што, во меѓувреме, застареа дел од предметите кои се водеа против некои од обвинетите.
Во писмото биле истакнати и напорите на владата на САД да помогне во подобрување на состојбите во правосудниот систем на земјава и вложените половина милијарда евра за реформи во судството.
„Секој ден сум сѐ повеќе загрижена и разочарана поради големиот број предмети (од висок профил) кои Апелациониот суд ги врати во првостепена постапка на повторно судење. Очигледната неспособност на судовите брзо да ги процесуираат предметите низ судската постапка и нивното префрлање напред-назад меѓу Апелација и Основниот суд дополнително ја намалува ниската доверба што јавноста ја има во судовите“,
се наведува во писмото на Агелер.
Освен до Владата, писма со идентична содржина биле испратени и до министрите за правда и за надворешни работи, Кренар Лога и Бујар Османи, како и до Врховниот суд, Апелацискиот суд и до некои основни судови во државата.
Сепак, наместо да предизвика некакви посметување кон подобро, нејзиното писмо беше посочено како иницијална каписла за караниците и обвинувањата во Судскиот совет кои во средата на седница кулмираа со контроверзно разрешување на претседателката на Советот, Весна Дамева, што предизвика бурни реакции во јавноста.
Но, според неофицијални информации кои кружат во јавноста, а за кои зборува и стручната фела како една од причините која ги иницирала случувањата во Судскиот совет била и најавата дека на дневер ред на седницата на Советот ќе се најде прашањето за одговорност на судијата од скопска Апелација, Енвер Беџети кој 9 месеци во фиока го чуваше предметот за масовното прислушување „Таргет-тврдина”. Станува збор за еден од предметите за кои Апелацискиот суд Скопје ја укина првостепената пресуда и го врати на повторно судење, на што посочува и амбасадорката Агелер во писмото до надлежните институции во земјава.