Американскиот дипломат, како што соопшти Стејт департментот, ќе присуствува на конференција „Патот до Преспа“ и ќе се сретне со премиерот Зоран Заев и со шефот на дипломатијата Бујар Османи
Помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер од 1 до 3 јули доаѓа во посета на Охрид, а претходно ќе престојува во Милано и во Тирана, соопштија синоќа од американскиот Стејт департмент.
Рикер во Охрид ќе пристигне на 1 јули, за да присуствува на конференцијата „Патот до Преспа“ и да ја истакне поддршката на САД за продолжителен дијалог и соработка кон стабилност и прогрес во регионот, се наведува во соопштението.
Некогашниот амбасадор на САД во земјава, во Охрид ќе се сретне со премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Бујар Османи и со други високи официјални лица, „за да разговараат за нашите заеднички приоритети за Западен Балкан“.
Во Тирана, пак, Рикер ќе се сретне со премиерот Еди Рама и други официјали претставници „за да разговара за американско-албанските односи и други области од заедничи интерес“.
Од 22 до 29 јуни, Рикер ќе го придружува државниот секретар Ентони Блинкон, кој оди во посета на Берлин, Париз, Рим, Ватикан, Бари и Матера.