„Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се гарантирани со обврзувачки документи на Европската Унија, со Преговарачката рамка, што ја имаме на масата и со договорот со ФРОНТЕКС. Македонскиот јазик е заштитен во рамките на ЕУ, на македонски јазик се преведуваат договорите што се потпишуваат со нашата држава“, рече заменик-претседателката на СДСМ
Иницијативата за заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент што ја нуди ВМРО-ДПМНЕ е штетна оти ги подрива нашите позиции како држава и го отвора прашањето за македонскиот јазик и идентитет, што веќе комплетно е затворено во време на владата на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ). Ова денеска го изјави заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска, во интервју за ТВ Канал 5, коментирајќи го предлогот на премиерот Христијан Мицкоски за земјава со заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент да ја потврди посебноста на македонскиот идентитет и јазик.

„Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се гарантирани со обврзувачки документи на Европската Унија, со Преговарачката рамка, што ја имаме на масата и со договорот со ФРОНТЕКС. Македонскиот јазик е заштитен во рамките на ЕУ, на македонски јазик се преведуваат договорите што се потпишуваат со нашата држава. Апсолутно не гледаме причина во оваа ситуација со една ваква иницијатива одново да отвораме прашања што се затворени, само и единствено да служат на дополнителни поделби и поларизација во општеството, нешто што ни е најмалку потребно“,
рече таа.
Според неа, треба да престанеме да се занимаваме со тоа кој е патриот, а кој е предавник.
Посочи дека европска интеграција значи реформа на системот, реформа на општеството, за да можат граѓаните да живеат во една подобра и поубава држава.
„Сето она што ВМРО-ДПМНЕ го ветуваше и сето она што го демонстрира во овие 13 месеци власт е сѐ само не подобрување на позициите во процесот на европската интеграција. После фијаското што го доживеаја со извештајот во Европскиот парламент и со необезбедување сојузништво ниту од своите сестрински партии, сметаме дека резолуцијата не е во интерес на градење на подобра позиција, туку ќе се користи како алиби дополнително да се замрзнат односите со Бугарија и дополнително да се блокира процесот на европска интеграција“,
кажа таа.
Посочи дека СДСМ е за продолжување на нашиот евроинтегративен пат по принципот на градење добри добрососедски односи, пријателства, како и на градење мудра политика што ќе ни го откочи тој пат и ќе ни го одблокира на ефикасен начин.
Затоа, како што додаде, не ни е потребно дополнително подривање на нашите позиции и креирање дополнителни пречки.
Премиерот Христијан Мицкоски понуди иницијатива за заедничка резолуција со Бугарија во ЕП, со која ќе се потврди посебноста на македонскиот идентитет и јазик. Посочи дека предлогот го дал како одговор на изјава на бугарскиот претседател Румен Радев дека единствен услов била промена на Уставот.
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, пак, рече дека е уверен оти предлогот е стигнат до официјална Софија, со оглед на тоа што се работи за изјава на премиер, која била главна тема и во медиумите во Бугарија.
По ваквиот предлог, шефот на дипломатијата вели, Софија е на потег – да покаже дали ќе оди напред во 21 век или ќе стои заглавена во реториката на 19 век.