Министерката за образование и членовите на работната група денеска ги презентирале пред премиерот и неговиот кабинет новините што се подготвуваат во наставата во основното образование
Министерката за образование и наука Мила Царовска и членовите на работната група за реформи во основното образование денеска ги презентирале основите на образовната реформа пред претседателот на Владата Зоран Заев и пред членови на неговиот кабинет, соопштија од Влада.та
Како што се посочува во соопштението од средбата, Заев изразил поддршка за неопходноста од реформи на образовните програми, осврнувајќи се на потребата од современо и квалитетно образование, како предуслов за економски напредок и за општествена трансформација базирана на вредности.

„За време на дискусијата за потребата од образовни реформи беше истакнато дека инспирација треба да биде една од мислите на истакнатиот македонски револуционер Гоце Делчев: ‘Револуцијата на народот е во умот и срцето’, која тој ја имал за водилка и за време на неговата учителска дејност“,
се наведува во соопштенето од Владата.
На презентацијата, како што се посочува, посебно внимание е ставено на фактите кои говорат за неопходноста од образовни реформи без одлагање, како што се ниските оценки за нашето образование на меѓународните тестирања на учениците, наодите и мислењата на меѓународните и домашни институции за образовните програми, како и мислењето на родителите и на наставниците и пред сѐ мислењата на учениците.
Се разговарало дека со новата концепција за секое дете во државата ќе бидат достапни позитивни и современи модели на учење кои во моментот може да си ги дозволат само дел од граѓаните. Како што велат од МОН, посебно внимание е посветено на потребата од темелна, наместо паушална реформа која ќе ги отстрани клучните недостатоци на нашиот образовен систем како што се политизацијата на училиштата, содржините на учебниците кои не се соодветни на времето во кое живееме и на потребите на децата, како и слабата мотивација на наставниците.
„Премиерот Заев нагласи дека Владата, Министерството за образование и наука, како и работната група остануваат на ставот да ги поттикнуваат сите заинтересирани да се вклучат во јавната дебата, да придонесат со свои предлози, сугестии, коментари и критики, преку активно учество во тековните јавни расправи, како и со испраќање писмени предлози до надлежното министерство и Бирото за развој на образованието. На состанокот беше нагласено дека веќе се стигнати квалитетни предлози што работната комисија ги зема предвид и дел од нив ќе бидат прифатени. Со цел активно и сеопфатно вклучување во јавната расправа, Владата ќе иницира до Собранието да организира јавна консултација на која ќе учествуваат сите засегнати страни и на која ќе се презентираат различни и спротивставени аргументи за да се стигне до најдобри решенија“,
наведуваат од Владата.
