Концесионерите не плаќаат навреме но и не се задолжени да доставуваат пресметки за продадените количини. Не се почитува обврската за рекултивација на земјиштето и присутна е појава на деградација, а ниту еден концесионер нема доставено финансиска гаранција за елиминирање на штетните ефекти по животната средина.
Надзорот се спроведува без дефинирани критериуми за избор на субјекти, нема независна акредитирана лабораторија, ниту пари и опрема а Државниот инспекторат за техничка инспекција располага со кадри кои имаат несоодветното образование и искуство кои не можат стручно и компетентно да го вршат инспекцискиот надзор
Од четири проверени концесионери, тројца вршеле ископ на минерални суровини надвор од дозволата за експлоатација што ја поседуваат. Вкупно, нелегално се послужиле со дополнителни 25 500 метри квадратни за експлоатација. Државниот завод за ревизија констатира дека од 2016 до 2020 помалку наплатени 33 милиони денари за концесиски надоместоци. По укажувањата на ревизијата, дополнително се уплатени 10 милиони денари. За истиот период, со задоцнување се наплатени 695 милиони денари, за што не е пресметана законска затезна камата.
„Дел од концесионерите за металични минерални суровини не го прикажуваат и плаќаат надоместокот за количеството на сребро метал и во оловниот и цинковиот концентрат. Кај еден концесионер забележано е мало флотациско искористување на цинк метал, а голем процент на истекување во јаловиште“,
се вели во ревизорскиот извештај.

Концесионерите не се задолжени да доставуваат пресметки за продадените количини, ниту се регулирани надоместоците за суровините кои ги користат за сопствени потребни. Нема пресметка ниту ако на ист концесиски простор се искористува повеќе од една минерална суровина.
„Ваквата системска поставеност за наплата и евиденција на концесиските надоместоци, не дава можност за проверка на пресметките што претставува органичување во извршувањето надзор и контрола на целосноста и веродостојноста на приходите од концесиските надоместоци“,
сметаат ревизорите.

Концесионерите имаат законска обврска по завршување на ископот да го вратат земјиштето во првобитна состојба. Владата пак, на предлог на Министерството за економија треба да донесе програма како ќе се направи тоа. Но:
„Како резултат на непочитување на обврските за рекултивација на земјиштето зафатено со експлоатација на минерални суровини, од страна на концесионерите и од страна на концедентот, многу често е присутна појава на деградација, целосно ископани површини и отстранета вегетација. Со предлог измените и дополнувања на Законот за минерални суровини се предвидува да се укине донесувањето на годишна програма за рекултивација на деградираните простори и одредбата со која се издвојуваат средства во Буџетот за таа намена, така што обврската останува на концесионерот, кој е должен да изврши рекултивација на земјиштето по исцрпувањето на експлоатираните резерви на минерална суровина“,
се вели во извештајот на Државниот завод за ревизија.
ДРЖАВАТА НЕМА СТРАТЕГИЈА ЗА УПРАВУВАЊЕ СО МИНЕРАЛНИТЕ СУРОВИНИ
Ревизорите констатирале дека државата нема долгорочна стратегија како да управува со минералните суровини. Освен тоа, законските одредби често се менуваат, институциите не соработуваат, а нема ниту целосно воспоставен катастар на наоѓалишта и појави на минерални суровини. A, недоволно утврдените обврски на концесионерите не обезбедуваат правна заштита, во случај да работат спротивно на законите.
„До моментот на вршење на ревизијата ниту еден концесионер кој има склучено договор за експлоатација на минерални суровини нема доставено финансиска гаранција за елиминирање на штетните ефекти по животната средина, ниту се раскинати договорите за концесии за експлоатација на минерални суровини поради недоставување на финансиска гаранција во рок од две години по стапување во сила на Законот за минерални суровини. Недонесувањето на акт со кој ќе се уреди формата и содржината на плановите за управување со отпад, односно отсуството на финансиска гаранција од страна на концесионерите, не обезбедува надоместување на евентуално настанатите штетни последици врз животната средина“,
се вели во извештајот.
ИНСПЕКТОРИТЕ НЕИСКУСНИ И СО НЕСООДВЕТНО ОБРАЗОВАНИЕ
Ревизорите се на став дека нема ефективен контролен механизам врз концесионерите, оти надзорот се спроведува без дефинирани критериуми за избор на субјекти, нема независна акредитирана лабораторија, ниту пари и опрема. Државниот инспекторат за техничка инспекција е надлежен орган кој треба да врши надзор што се случува на терен. Формирана е посебна организациона единица – сектор за инспекциски надзор над експлоатација на минерални суровини и геолошки истражувања со четири одделенија. Ревизијата покажала дека секторот располага со доволен административен капацитет, но, како што се вели во извештајот, несоодветното образование и искуство може да влијае на квалитетот, стручноста и компетентноста во вршењето на инспекцискиот надзор. Во периодот 2016 – 2020 година, годишните програми за работа не се реализирани во целост, при што кај дел од концесионерите е вршен повеќекратен и редовен и вонреден инспекциски надзор, а кај дел воопшто не е извршена контрола.

„Нецелосното реализирање на годишните програми за работа, односно не спроведените контроли создаваат ризик од незаконско работење на концесионерите, н уверување за реалноста на прикажаните количини на експлоатирана/продадена минерална суровини, што влијае на висината приходите од надоместокот за експлоатирана количина“,
стои во извештајот.
Државниот завод за ревизија препорачува подобрување на состојбите во делот на: правната и институционална поставеност за управување со минерални суровини, функционалноста и ефективноста на постапките за доделување/одземање на концесиите за минералните суровини, наплата на концесиските надоместоци и воспоставениот механизам за надзор и контрола над работењето на концесионерите, а со цел оптимално искористување на минералните суровини согласно начелото за одржлив развој.
„360 степени“ побара став од Министерството за економија за низата нерегуларности и системски слабости нотирани од Државниот завод за ревизија, како и за препораките за понатамошно делување. До објавувањето на овој текст, одговор од ресорното министерство не добивме.
НИКОЛОВ: ЖАЛОСНО Е ШТО ДРЖАВАТА НЕ МОЖЕ ДA ГО СОБЕРЕ ДОБРОТО
Претседателот на Македонската асоцијација на рударите (МАР), Николајчо Николов не е изнанеден од наодите на ревизорите. Тој вели дека ваквите состојби со години се провлекувааат пред очите на надлежните органи.
„Сè уште владеат состојби, каде што концесиите од минералните суровини нередовно, неуредно и несоодветно се плаќаат на експлоатираните содржини. За тоа да се стави под контрола потребни се многу повеќе инспекции, кои може тоа да го контролираат. Жалосно е како државата не може да си го собере доброто од експлоатацијата на минералните суровини. Од друга страна сè повеќе гледаме неправилна експлоатација, сè уште се присутните кражбите, нелојалната експлоатација итн, така што мислам дека е точна констатацијата дека државата нема соодветен став и мерки по ова прашање. Нерегулирањето им дозволува на нелегалните, нелојалните експлоататори на минералните добра да си ја работат својата работа. Јас сум за варијантата – жестоки мерки, затоа што тие прават нелојална конкуренција, а од друга страна го уништуваат и материјалното добро на нашата држава“,
вели Николов.

Работата на концесионерите за експлоатација на минерални суровини предизвикува големо внимание кај граѓаните. Последниот случај кој ја натера Владата еднострано да ја раскине концесијата се однесуваше на ископот во скопското село Средно Коњари, каде по жестокиот притисок од локалното население, надлежните излегоа на терен и утврдија низа нерегуларности.