Советот за унапредување и надзор на ревизијата денеска официјално побара од Владата да се одложи законскиот рок за спроведување ревизии до 30 септември 2020 година.
Од Советот информираат дека, со цел да се заштитат вработените во ревизорските друштва, како и менаџментот и вработените во компаниите што се предмет на ревизија, бараат од Владата, согласно со надлежностите за вонредната состојба, да донесе законска уредба со која ќе се одложи рокот за законски ревизии на финансиски извештаи до крајот на септември годинава.
Во барањето испратено до Владата е потенцирано дека од предвидените повеќе од 1 700 законски ревизии на годишните финансиски извештаи за 2019 година, повеќе од 1 000 се однесуваат на компании кои не се акционерски друштва.
„Ако се земе предвид дека најголемиот дел од ревизорските ангажмани се спроведуваат од крајот на март до почетокот на јуни, постои висок ризик за ширење на коронавирусот од посета на повеќе од 1 000 компании од страна на 300 лица (овластени ревизори и вработени во ревизорски друштва). Со тоа може да се направи сериозна штета врз здравјето на граѓаните, преку ширење на заразата“,
појаснуваат од Советот.