Државниот завод за ревизија открил дека градби во кои инвеститор е општината немаат обезбедено одобрение за градење, не се врши технички преглед од страна на надзорен инженер и не се изготвува записник од примопредавањето на објектите
Ревизорите нашле и случај на потпишан и реализиран тендер во висина од околу 300 000 евра, иако Државната комисија за жалби по јавни набавки ја поништила предметната јавна набавка
Надлежните лица во општината немале никакви забелешки за наодите на ревизорите
Претпоследен ден е од годината а Државниот завод за ревизија го објави веројатно еден од „најинтересните“ извештаи за оваа 2021 година. Формално, станува збор за три ревизорски извештаи и тоа:
Ревизија на финансиски извештаи и на усогласеност на основен буџет (630)
Ревизија на финансиски извештаи и на усогласеност на основен буџет (637)
Ревизија на финансиски извештаи и на усогласеност на сметка на приходи на буџет на дотации (930)
Формата, во случајов и не е важна поради содржината напишана во ревизорските извештаи. На кратко, собирањето на даноци, градењето, јавните набавки и други сегменти од општественото живеење во општината се одвиваат надвор од законската регулатива.

Во детали, во ревизијата на основен буџет (637), ревизорите ги констатирале следниве состојби:
- програмата за локални патишта за 2020 не содржи целосни податоци за активностите по локации и нивна поединечна вредност;
- градбите во кои инвеститор е општината, се изградени без одобрение за градба а ниту имало надзор ниту технички прием при нивно пуштање во употреба;
- без одлука на Совет, спортски клуб добил трансфер на средства од општинскиот буџет. Спортскиот клуб не доставил извештај како ги потрошил парите;
- направени се трошоци од 40 000 евра без никаква документација;
- само во 2020 година, советниците и градоначалникот си поделиле околу 15 000 евра повеќе од дозволеното за присуство на седници;
- склучена е тендер во висина од околу 300 000 евра иако Државната комисија за жалби по јавни набавки ја поништила постапката Рамковната спогодба е на две години, а само во првите шест месеци биле потрошени 57 000 евра повеќе од максималната предвидена сума.

Канализација без одобрение
Кога е во прашање градењето без одобрение за градба, од ДЗР посочуваат дека Советот на општината нема донесено Програма за уредување на градежно земјиште за 2020 година, а во тековната година извршени се градежни работи за канализациона мрежа на територијата на општината за кои се исплатени околу 85 000 евра.
„Од извршениот увид во документацијата на изведувањето на овие активности со ревизијата утврдивме дека не се доследно почитувани одредбите од Законот за градење поради следново:
– не е обезбедено одобрение за градење/реконструкција пред започнување на работите;
– не се врши технички преглед од страна на надзорниот инженер, општината не издава одобрение за употреба и не се изготвува записник за примопредавање на изведената градба.
За трошоците од 40 000 евра за кои нема документација, ревизорите наведуваат дека биле за повеќе работи – поправка на автомобили, чистење на речно корито, поправка и одржување на патишта. Проблемот е што со фактурите немало и податоци – што е поправено или направено и тие активности не се евидентирани во соодветните книги.
За исплатата на пари кон спортски клуб, станува збор за сума од околу 5 000 евра кои по претходно барање му биле исплатени на боречки клуб, за плати и за учество на натпревари. Проблемот е што општината ниту има годишна програма за спорт, ниту пак конкретната исплата поминала како одлука на Совет.
„Финансирањето на боречкиот клуб во услови на недонесена програма и одлука од Советот, како и недоставени извештаи од страна на корисникот за реализираните активности, создава ризик од несоодветно трошење на средствата од буџетот на општината“,
наведуваат од ДЗР.
Немале седници ама си исплаќале хонорари
Додека голем дел од претходните забелешки на ревизорите можат да се препишат на незнаење или на нискиот капцитет на општината, наодот на ревизорите дека советниците и градоначалникот си поделиле повеќе пари за присуство на седници од тоа што требало, секако не е наивен.
Имено, во текот на 2020 година, по основ на надомест за советници исплатени се близу 27 000 евра. Но, ревизорите при увидот забележале дека се исплатени надоместоци за 11 месеци, а седници се одржале само во пет месеци таа 2020 година.
„Од записниците од одржаните седници не може да се утврди кои советници биле присутни од причина што во нив е наведен само бројот на присутни. Покарај советниците, месечен надомест од 12 илјади денари добива и градоначалникот на општината.
Ваквото постапување не е во согласност со одредбите од дел 5А од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на РСМ и другите избрани и именувани лица во Републиката и член 12 од Одлуката за извршување на буџетот за 2020 година на Општина Студеничани каде е уредено дека месечниот надоместок се исплаќа за присуство на сите седници на Советот во тековниот месец. Спротивно на законските одредби, за надомест на советниците и градоначалникот повеќе се исплатени 908 илјади денари“,
пишува во ревизорскиот извештај.
908 000 денари се околу 15 000 евра. Советот на општина Студеничани брои 15 советници плус градоначалникот. Ако се делело еднакво, сите добиле по екстра 1 000 евра за 2020 година. Државниот ревизор препорачува – градоначаликот повеќе да не зема пари за присуство на седница на Совет, а екстра приходот да се врати.
Државата го поништила, ама општината си го спроведува тендерот
Ревизорите откриле и случај кој по неколку основи го крши Законот за јавните набавки. Во октомври 2019 година, општина Студеничани склучила рамковна спогодба за изградба, реконструкција, рехабилитација и одржување на патна, водоводна и канализациона мрежа на територијата на општината. Вредноста на договорот била околу 300 000 евра и тој требал да се реализира во следните две години, до октовмри 2021 година. Ама, вредноста на договорот била исцрпена за само два месеци, преку поединечни договори и фактури за извршени работи.
„Од причина што предвремено е реализрана рамковната спогодба склучена во 2019 година, општината за истиот предмет на набавка спровела постапка и во 2020 година. Оваа остапка не била предвидена во Годишниот план за јавни набавки и истата е дополнета со измена и дополнување во системот за јавни набавки на 22.05.2020 година. Во моментот на измената на Годишниот план за јавни набавки не биле обезбедени средства во Буџетот на општината, односно истите се предвидени подоцна со Ребалансот од 16.09.2020 година, односно со закаснување од 116 дена што е спротивно на член 75 од Законот за јавни набавки“,
забележуваат ревизорите.
Додека траела постапката, компанија поднесува жалба за документацијата која ја бара општината за учество на јавната набавка. Општината Студеничани не доставила одговор на жалбата. Па, на 18 јуни 2020 година, Државната комисија за жалби по јавни набавки ја поништила постапката. Општината Студеничани, веќе следниот ден и спротивно на одлуката на државниот орган, потпишала договор за тендерот кој бил поништен.
„Договорниот орган постапил спротивно на Одлуката на Државната комисија за жалби по јавни набавки и на 19.06.2020 година, склучил рамковната спогодба за период од две години бр.11-412/3 во износ од 18.880 илјади денари со ДДВ со единствениот економски оператор кој се јавил на огласот. Ваквото постапување не е во согласнст со член 160 став 5 и 6 од
констатираат ревизорите.
Законот за јавни набавки“,
И овој, втор договор, бил исцрпен многу порано од предвиденото. Односно, иако рамковната спогодба била на две години и тоа за сума од околу 300 000 евра, биле потрошени 365 000 евра и тоа само за шест месеци. Па, општината потпишала и трет договор за истата работа во текот на 2021 година, со вкупна вредност од 115 000 евра. Или, за иста набавка се потпишани три различни тендери чија вкупно вредност е околу 726 000 евра.
На ниту еден наод, надлежното лице не дало забелешки.
Во ревизијата пак на сметката на основниот буџет (630), ревизорите наоѓаат и други неправилности:
- нема систем за редовна внатрешна финансиска контрола;
- за користењето на парите од надоместок за утврдување на правен статус на дивоградба не се доставува годишен извештај до надлежниот орган на државата управа;
- за издадените решенија од даноците на имот и на комунална такса за истакнување на фирма/назив на деловна просторија, не се евидентирани побарувањата во деловните книги, односно се евидентира само наплатениот приход;
- за даночните побарувања кои не се платени во пропишаниот рок не се пресметува камата и не се преземаат мерки за нивна наплата.
За секоја од овие точки, ревизорите дале и детално објаснување. Како и за претходниот ревизорски извештај, надлежното лице не дало забелешки.
И во 2020 година и сега, градоначалник на Студеничани е Азем Садику. Тој беше кадар на Демократската партија на Албанците (ДПА), ама по последните локални избори се одметна од партијата на Мендух Тачи и прејде во Алијансата на Албанците.
Државниот завод за ревизија редовно ги испраќа своите извештаи до надлежните државни органи, меѓу нив и до Јавното обвинителство. Вообичаено, наодите на ревизорите наидуваат на „затворени врати“