Според последните бројки од Институтот за јавно здравје, во Ресен до овој момент, има регистрирано 122 позитивни лица на ковид-19. Од нив, три лица ја загубија битката со болеста, 30 оздравеа, а уште 89 се болни. Податоците значат дека општината ја бие најголемата битка против вирусот токму во моментов.
Ако нешто е позитивно во целата ситуација, тоа е што бројките покажуваат дека состојбата се стабилизира. Во последните десет дена нема осетно зголемување на бројот на активно болни граѓани.

Но, Ресен е мало место. Според последниот попис од пред речиси 20 години, во општината живеат близу 17 000 жители. Тоа значи дека на секои 140 жители во општината има по еден кој се заразил со ковид-19. Според оваа статистика, општината е најпогодена според бројот на дијагностицирани пациенти со ковид-19 во цела држава.
Во Институтот за јавно здравје го пресметуваат соодносот на бројот на заразени со вкупното население по друга, научно усогласена формула. Резултатот што се добива е број на случаи на 100 000 жители. Тоа не го менува заклучокот дека во Ресен има најголема зачестеност на ковид-19 по глава на жител, туку само начинот на кој се прикажуваат податоците.
Така, ако се земат предвид само подрачјата под центрите за јавно здравје, каде што досега имаше барем 100 регистрирани случаи, сликата е следна.

Најголема зачестеност на ковид-19, со 746 случаи на 100 000 жители, во моментов има во Ресен. Близу е Штип, каде што има 710 случаи на 100 000 жители. Потоа, со 559, односно 550 случаи, се Куманово и Скопје. Дебар, Струга, Тетово, Охрид имаат од 393 до 364 случаи со ковид-19 на 100 000 жители. Близу се Прилеп и Велес, кои имаат по близу 300 случаи на 100 000 жители. Од центрите за јавно здравје, каде што има барем 100 регистрирани случаи, досега најдобро стои Гостивар со 130 случаи на 100 000 жители.