Потрагата по ставовите на блиските и на жителите од местата од кои потекнуваат четворица од осумината пратеници од опозицијата коишто ја поддржаа првата фаза од уставните измени ја започнуваме од Вевчани. Од тука потекнува пратеникот Крсто Мукоски. Тој тука и живее со неговото семејство. Пратеничката кариера ја започнува во 2008 година.
Во Вевчани секој се знае со секого а особено семејството и домот на пратеникот Крсто Мукоски.
-Добри се луѓето, супер. Еве го, татко му тука е ….
-Добар ден. Здраво … Да Ве прашаме нешто кратко?
Тој не сакаше да зборува со нашата екипа. За разговор не беа многу расположени и неговите соселани, но неколкумината кои застанаа пред камерата, застанаа и зад постапката на нивниот пратеник.
-Пред некое време им беше херој, сега им е предавник. Сега, на тие што им беше порано непријател, сега им е херој. Се сменија сега работиве. – изјави еден граѓанин на Вевчани, прашан за јавното мислење за пратеникот Мукоски.
-Сметате дека е добро што гласаше сега за уставни измени?
-Добро е. За децата негови, за внуците мои, за сите.- ни одговори друг граѓанин.
-Политиката е таква и не може ништо да те изненади.
-Тоа е добар потег или лош потег?
-Од аспект на државата и нејзиниот просперитет, да.
-А од друг аспект?
-Од друг аспект, процесите што треба да се тераат, треба да се тераат.- изјави еден млад жител на Вевчани.
Крсто Мукоски беше во можност да гласа „За“ во петокот, бидејќи истиот ден му беше укинат куќниот притвор како обвинет за настаните од 27 април. Неговиот адвокат, Игор Кичеец, објаснува дека причината што е укинат домашниот притвор се аргументите кои секој месец ги пишувале во жалбите за притворот до судот. Но, немаше конкретен одговор- зошто токму сега судот ги уважил аргументите.
-Една од тие истите причини, веројатно под притисок на општата, општата атмосфера во државата, веројатно судиите се … повнимателно ја прочитале жалбата и ги уважиле нашите наоди.- изјави адвокатот Игор Кичеец.
Градот Охрид, во кој работи адвокатот Кичеец, е дом на уште двајца пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои како и Крсто Мукоски решија да гласаат „За“ во петокот. Куќата на Сашо Василевски е на оваа уличка и нејзе ја чува полиција.
-Јас сум разочаран. А тој нека си мисли за себеси.
-Зошто така?
-Не знам. Затоа што јас имав друг став.
-Многу убава постапка. Така ако продолжат за сите ќе биде олеснително. Значи прво, за вас младите.
-Ние ако останеме во овој круг во кај што сме сега, ако не излеземе надвор, ќе поминеме тешко.- ни одговорија охриѓани кога ги прашавме за одлуката на пратеникот Василевски.
Пратеникот Љубен Арнаудов, партиски колега и сограѓанин на Василевски кој исто така стисна „За“ во петокот, живее во стариот дел на Охрид. Почитуван е поради докторската професија, но Охриѓани сега се поделени за неговиот политички ангажман.
-Не направија лош потег. Направија добар потег за Македонија да оди напред.- одговори еден охриѓанец.
-Најчисто и најпоштено беше да ја следеа политиката на партијата.- одговори неков сограѓанин.
Го прашаме адвокатот на Василевски – има ли поврзаност на тоа што неговиот клиент излезе од домашен притвор само еден ден пред клучното гласање.
-Беше поднесена и претходно гаранција. Значи долго време пред ова да се случи поднесена е гаранција со 400.000 евра и одлучи кривичниот суд, совет на Основен суд Скопје 1 Скопје, да го пушти за тоа што беа одземени патните исправи и други мерки на претпазливост. Јас не гледам никаква поврзаност во однос на тоа што се случуваше во Собранието, што се однесува во однос на некакви ветувања. – изјави адвокатот Александар Новаковски.
Единствениот глас „За“ од пратеник на ВМРО-ДПМНЕ од охридско-струшкиот регион против кого нема судска постапка беше оној на Нола Исмаилоска Старова. Од нејзините соседи дознавме дека таа веќе и не живее во родната Струга. Но и без тоа, нејзината постапка предизвикува поделени мислења.
-Со нашите гласови седна таа таму.
-Не го одобрувате?
-Не. Никако.
-Што мислите, што требаше да направи?
-Во најмала рака да поднесе оставка, ако имаше притисоци.
-Многу добар потег. Но овие вмро-овциге тие се националисти овде. Тие не сакаат ни со Албанци да живеат ниту со никого. Тие не сакаат Европа. Тие не сакаат НАТО. Тие сакаат Русија. Е Русија овде не може да дојде.
Фалени за храброст и обвинувани за предавство – овие пратеници преживуваат тежок период во нивните политички кариери. Тоа веројатно ќе потрае, најмалку до третата фаза од уставните измени.
Напишете коментар