Фросина Ременски, третообовинета во случајот „Меѓународен сојуз“, кој започнува денеска, пред стартот на судењето соопшти дека поднела барање до Јавното обвинителство за изземање на јавната обвинителка Вилма Русковска која го застапува обвинението за случајот поради селективност, кршење на правата на обвинетата и попречување на правдата.
„Денеска пред почетокот на судското рочиште за ‘Меѓународниот сојуз’, во кој сум третообовинета, во Јавното обвинителство поднесов барање за изземање на обвинителката Вилма Русковска бидејќи имаме цврсти докази дека има селективност на основниот јавен обвинител, преку кршење на моите права и во делот на попречување на правдата која е во надлежност на постапување на други институции“,
изјави Ременски пред Обвинителството.
Ременски рече дека имаат основано сомнение но и цврсти докази дека во текот на сите фази од постапката – предистрага, истрага, оценка на обвинителниот акт сѐ досега, за селективност во постапката на основниот јавен обвинител ја попречувал правдата
„Да се навратиме дека имаше изјави за изнудување исказ за признанија и користење на неповолна положба на обвинетиот против други обвинети“,
рече Ременски.
Во прилог на доказите рече дека е наведен и незаконскиот претрес во нејзиниот дом за што имала 16 докази кои ги приложила во денешното барање, како и тужбата до судот во Стразбур.
Таа рече дека очекува јавниот обвинител совесно и професионално да го разгледа барањето и да ја изземе Русковска како застапник на обвинението против неа и сите во случајот, бидејќи сите досегашни постапки можат да влијаат врз целиот судски исход. Сепак, како што рече, лично не верува дека ова ќе се случи врз основа на претходните искуства.
„Немам голема верба по ова барање, затоа што од ЈО во многу случаи пријавени од мене нема исход. Исто така во прилог на тоа зборува и другата компонента за целиот случај кој пропагандно се претставува, а сега веќе и во кампања се поентира со некаква правда и процедури низ институциите“,
изјави Ременски.