Владиката Петар во вечерашното гостување на „Топ тема“ на Телма, потврди дека Синодот утре ќе има седница, но не сакаше да коментира ништо во врска со информациите кои ги објави „Религија.мк“. Како што посочи тој, не е во ред предвреме да се коментира што било
Утре ќе се одржи синодска седница на МПЦ-ОА на која се поканети епархиските архиереи, на која треба да се донесе историска одлука за обединување на МПЦ-ОА со ПОА на Јован Вранишковски, објави сајтот „Религија.мк“.
Обединувањето ќе значи интеграција на владиците на ПОА на Вранишковски во МПЦ-ОА, односно ним ќе им бидат дадени делови од битолско-пелагониската епархија со која раководи митрополитот Петар.
Обединувањето е дел од договорот меѓу МПЦ-ОА и СПЦ, со кој беше обезбедена согласноста на Српската црква за автокефалност на МПЦ-ОА.
Според „Религија.мк“, заокружувањето на тој процес ќе значи и формално згаснување на ПОА и нејзина итеграција во МПЦ-ОА, што ќе биде историски чин на обединување кон конечната цел – полноправо признавање на МПЦ-ОА како автокефална црква.
Сите четворица владици на ПОА ќе добијат епархии, кои ќе бидат создадени со прераспределба на постоечките што ги има МПЦ-ОА, пишува сајтот.
Владиката Петар во вечерашното гостување на „Топ тема“ на Телма потврди дека Синодот утре ќе има седница, но не сакаше да коментира ништо во врска со информациите кои ги објави „Религија.мк“. Како што посочи тој, не е во ред предвреме да се коментира било што.