Осми ден по ред, во Македонија има трицифрена бројка на новозаболени од ковид-19. За денеска, точната бројка е 193, што е втор најлош „резултат“ од почетокот на епидемијата од новиот коронавирус во земјава.
Но денешните податоци се сепак рекордни по друг показател. Ниту еднаш од почетокот на кризата не се направени толку многу тестови за едно деноноќие. Во последните 24 часа, биле направени вкупно 1 391 тестирање.
Со недели се додава „гас“ на тестирањето
Според анализата која ја направи „360 степени“, последниве недели се прават отприлика двојно повеќе тестови отколку што тоа беше случај при првиот врв на заразата во средината на април. Или, како што покажува графиконот подолу, од 1 април па се до крајот на мај, вообичаено се правеа меѓу 400 и 700 тестови за ковид-19 дневно. Од почетокот на јуни, кога почна да расте и бројот на заболени, дневно се прават меѓу 800 и 1 400 теста.

Растот на бројот на тестирања најдобро се гледа доколку податоците се подредат по недели. Така, во последните седум дена, почнувајќи од денеска, направени се вкупно 7 412 теста. Во претходните седум дена, кои завршиле на 10 јуни имало 6 872 теста. Споредено со врвот на заразата на април, тоа се двојно повеќе тестови, бидејќи тогаш неделно се правеле меѓу 3 000 и 3 400 теста.

Дополнителните анализи покажуваат дека не смее да се донесе заклучок дека зголемениот број на случаи е производ единствено на поголемиот број на тестови. Причинско-последичната врска е и обратна. Се зголеми бројот на тестови бидејќи почнаа да се појавуваат повеќе заразени.
За тоа сведочи историскиот преглед на процентот на позитивни тестови. Како што може да се види од следниот графикон (од почетокот на април до денеска) во најлошиот период во април, процентот на позитивни тестови се движеше од околу 10% позитивни тестови до највисоки 19,4%. Потоа, тие бројки драматично опаднаа кон крајот на април и цел мај, кога имаше и помал број на новозаболени. На почетокот на јуни повторно почна да расте процентот на позитивни тестови до 20,8% во еден ден, на 14 јуни. Денеска процентот е 13,9%, односно од 1 391 тестиран позитивни биле 193 лица.

Кој го „турка“ бројот на тестови?
За да може да се прават повеќе тестови, Министерството за здравство ангажираше дополнителни ресурси. Така, освен Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје, тестови се прават и во МАНУ, во лабораторијата на Ветеринарниот факултет а од скоро и во Институтот за судска медицина.
Но, уште од стартот на кризата, тестови понудија и приватните болници и лаборатории. Во моментов, тоа го прават лабораториите „Биотек“ и „Авицена“ и болниците „Филип втори“ и „Систина“ (PCR-метода).
Ако се погледне колку тестови правеле државните и приватните лаборатории пред два месеца и сега, очигледно е дека и едните и другите го зголемиле бројот на тестови. Но има значителни разлики колку „напредувале“ едните а колку другите.
На пример, како што покажува графиконот подолу, на 15 април е известено дека во последните 24 часа се направени 500 тестови, од кои 334 (67%) се направени во државните лаборатории а 166 (33%) во приватните. Според информациите се денеска, во последните 24 часа се направени 1 391 тест од кои 789 (57%) се направени во државните лаборатории а 602 (43%) се направени во приватните.
Тоа значи дека државниот здравствен систем прави отприлика два и пол пати повеќе тестови од пред два месеци, но приватните болници и лаборатории прават меѓу три и пол и четири пати повеќе тестови, споредено со средината на април. Ако трендот продолжи, прашање на време е кога дневниот број на тестови „на приватно“ ќе го надминат бројот на тестови „на државно“.
