„Рекет“, „Монструм“, „Титаник“, ТНТ, „Таргет-Тврдина“, „Титаник 2“, „Титаник 3“, „27 април“, „Транспортер“, „Траекторија“, „Тортура“… се дел од познатите предмети во јавноста за кои ќе се одржуваат рочишта во наредните 30 дена и покрај актуелната состојба со коронавирусот.

Списокот со предметите кои ќе се одржуваат, ако има услови, денеска го објави Основниот кривичен суд во Скопје на својата официјална веб-страница. На него, на пример, само во Одделението за организиран криминал и корупција се планира да продолжат судењето за 70-ина предмети. Во Одделот за кривично полнолетни, пак, бројката е многу поголема – над 200.
Предметите за кои ќе се одржуваат рочишта, посочуваат, е согласно препораките на Владата и одлуката на Судскиот совет да се одржуваат само итните предмети.
Така, на пример, од споменатите случаи, „Рекет“ е итен затоа што обвинетите во него се во притвор: Бојан Јовановски-Боки 13 е во затворот во Шутка, а Катица Јанева е во домашен притвор.

Следното рочиште е закажано веќе за понеделник и тогаш, според најавите од претходно, треба да се почне со сослушување на сведоците предложени од Јанева. Таа предлага вкупно 13 сведоци, а меѓу првите имиња на листата се обвинителите што работеа во СЈО: Гаврил Бубевски, Ленче Ристоска, Фатиме Фетаи и Трајче Пеливанов.
Тука е и случајот кој се однесува на организацијата на настаните од 27 април 2017 година каде што на обвинителка клупа седат експретседателот на Собранието Трајко Вељаноски, поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и бившиот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Овој предмет е меѓу итните затоа што Ристовски и Атанасовски се во домашен притвор. Иста мерка има и Јанакиески, но таа е во рамки на предметот „Шпански скали“.

Сепак, поради коронавирусот, веќе се одложи едно рочиште за „27 април“ бидејќи еден од адвокатите во предметот испрати известување дека се наоѓа во самоизолација поради патување надвор од земјава, а мерките на Владата се лицата што патувале или биле во контакт со некој што бил во средно и високоризичните земји да седат дома. Следниот датум кога странките треба да се појават во судница е 27 март, но и тој е под знак прашалник во зависност од тоа дали ќе заврши споменатиот период на изолација од 14 дена.
Во вонредната ситуација се очекува да се слушне и една пресуда
Коронавирусот претходно веќе одложи уште еден предмет кој се наоѓа во групата на „итни“. Станува збор за „Титаник 3“, кој е итен затоа што е во завршна фаза, односно треба да се дадат завршни зборови и да се изрече пресуда.

Завршните зборови требаше да се дадат минатиот понеделник (16 март), но обвинетиот Исмет Гури не се појави зашто, како што кажа неговиот адвокат, тој е дијабетичар веќе 20 години и е на инсулинска терапија, а таа група луѓе е во ризичните за кои Владата има дадено препорака да седат дома. Со него обвинет е Ејуп Алими од ДУИ, а обвинението се однесува а уништување изборен материјал за локалните избори во Чаир во 2013 година. Следното рочиште е закажано за 25 март, но дали ќе се одржи останува неизвесно иако обвинителите бараа да се создадат услови за Гури за се појави во судница.
Во периодот на вонредната состојба се очекува да се слушне и една пресуда за предметите што ги отвори СЈО.

Во прашање е случајот „Транспортер“ во кој за злоупотреби со ученичкиот превоз обвинети се 20-тина лица, меѓу и кои и ексградоначалникот на Битола, Владимир Талески. Судијката Добрила Кацарска, која го води овој процес, закажа изрекување на пресуда на 31 март.
Кои предмети се итни?
Судскиот совет во вторник излезе со одлука во врска со работата на судовите во земјава и им наложи на претседателите и на судиите да ги спроведуваат мерките и препораките на Владата.

„Претседателот на судот и судиите, менаџирањето со судските предмети да го усогласат со мерките и препораките на Владата и надлежните здравствени органи. Должни се да ги преземат сите мерки на претпазливост за да се намали ризикот од инфекција со вирусот ковид-19 на судиите, судската служба, странките и другите учесници во постапката“,
одлучија од Судскиот совет.
Во групата предмети за кои е нужно да се одржуваат рочишта, Советот ги смести оние во кои обвинети се во притвор, домашен притвор или имаат друга мерка, во кои некоја од странките не е наш државјанин, каде постои опасност од застарување на делото, кои се прекршочни од итна постапка, кои се однесуваат за примена на времени мерки, кои се пред пресуда, каде постои опасност од повреда на принципот за судење во разумен рок, кои по сила на закон се итни и каде се работи прием на поднесоци што се врзани со законски преклузивни рокови.
Понатаму, Судскиот совет ги наведе и оние што се однесуваат на кривични дела поврзани со актуелната ситуација со коронавирусот, како што се: пренесување заразна болест, непостапување според здравствени прописи за време на епидемија, неукажување медицинска помош, спречување службено лице во вршење службена дејност, напад врз службеник при вршење работи на безбедност и организирање отпор.
За сите останати, Советот посочи дека не се итни, но ако има услови може да се одржуваат.
„Закажаните расправи по предметите кои не се итни се одржуваат доколку се исполнети законските услови и доколку претседателот на судот и судиите проценат дека не се со висок ризик по здравјето на судиите, судската служба, странките и другите учесници во постапката“,
рекоа од Судскиот совет.
Од ова тело им наложија судовите секој што ќе влегува во нив да помине безбедносните здравствени проверки, да не се создава метеж на шалтерите и пред и по секое судење да се прави дезинфекција на судниците.