До изборот на новиот вршител на енергетска дејност, постојните компании на БЕГ се обврзани да ја вршат дејноста. Сигурен сум дека се ќе заврши пред почетокот на грејната сезона. Не можам да кажам колку ќе трае тендерот, но верувам дека од октомври БЕГ нема повеќе да ги грее скопјани, рече првиот човек на Регулаторна
Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) е во постапка за одземање на лиценците на „Балкан енерџи груп“ (БЕГ) за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, соопшти денеска претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
„Во моментот кога ќе ги одземеме лиценците ќе ја информираме Владата и согласно Законот за енергетика, Владата е должна да распише тендер на кој ќе треба да се најдат нови вршители на енергетската дејност“,
рече Бислимовски.
Тој беше дециден дека за одземањето на лиценците нема да има реперкусии и ниту граѓаните, ниту, пак, индустријата нема да плаќаат ниту еден денар повеќе.
Најави дека сите постапки ќе бидат завршени навреме, а до нивното завршување, како што кажа, постојниот вршител на енергетската дејност е должен да ја врши дејноста.
„Мое мислење и препорака до Владата е конечно во овој сектор да се укинат трите дејности производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, како што е насекаде во регионот. Треба да има една лиценца за топлинска енергија како во поголемите градови во соседството. Сметам дека Владата или други јавни претпријатија треба да го преземат вршењето на оваа дејност“,
рече Бислимоски.
Согласно Законот за енергетика Владата е должна да распише тендер за вршење на соодветна регулирана енергетска дејност. Откога ќе се распише тендерот ќе се избере нов вршител на енергетска дејност и тој ќе продолжи да ја врши дејноста како што ја вршел претходниот, појасни првиот човек на Регулаторна.
„До именувањето на новиот вршител на енергетска дејност, постојните компании на БЕГ се обврзани да ја вршат дејноста. Сигурен сум дека се ќе заврши пред почетокот на грејната сезона. Не можам да кажам колку ќе трае тендерот, но верувам дека од октомври БЕГ нема повеќе да ги грее скопјани“,
потенцира Бислимоски.
На крајот на јануари Владата на седница донесе одлука ЕСМ да го преземе БЕГ заради континуирано обезбедување топлинска енергија.
Согласно тој договор, АД ЕСМ презеде управување со сите деловни активности на БЕГ и со сите трансакциски сметки.
Ова следуваше откако БЕГ соопшти дека нема средства за набавка на гас и побара од Владата времено да го преземе управувањето со компанијата сè до завршување на кризната состојба во оваа грејна сезона.