На традиционалниот состанок на министрите за надворешни работи на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСИЈЕ) и на Советот за регионална соработка (СРС) што се одржа на маргините на 77. сесија на генералното собрание на ОН, се разговарало за европската интеграција на земјите од регионот, енергетската криза и ефектите кои ги има врз регионалната соработка во Југоисточна Европа, како и за Економскиот инвестиционен план наменет за регионот
Западниот Балкан покажува дека новите предизвици ги гледаме како можности за растење, за брзо прилагодување на новите околности, а регионалните иницијативи се „лепилото“ што го држи нашиот европски пат на вистинскиот пат, порача шефот на дипломатија Бујар Османи на фејсбук по состанокот со министрите за надворешни работи на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) и на Советот за регионална соработка (СРС).

На традиционалниот состанок на министрите за надворешни работи на ПСИЈЕ и на СРС што се одржа на маргините на 77. сесија на генералното собрание на ОН, меѓу другото, се разговарало за европската интеграција на земјите од регионот, енергетската криза и ефектите кои ги има врз регионалната соработка во Југоисточна Европа, како и за Економскиот инвестиционен план наменет за регионот.

Тема на разговор била и социо – економската трансформација на Југоисточна Европа и Зелената агенда за Западен Балкан.
„Покрај тоа што овие конкретни проекти и процеси ќе донесат позитивен социо-економски ефект, резултатот ќе испрати силен политички сигнал за граѓаните во регионот и за меѓународните партнери, особено во контекст на неизвесноста поврзана со воената криза во Украина и заканата по европската и глобална безбедносна архитектура“,
нагласи Османи.
Шефот на дипломатијата, како што соопшти МНР, се осврнал и на почетокот на пристапните преговори на земјава за членство во ЕУ, нарекувајќи го признание за сите спроведени реформи во земјата преку воспоставување на, како што кажа, функционален мултиетнички модел со Охридскиот рамковен договор, односно политиката на добрососедски односи, рефлектирано и преку договорот од Преспа и Договорот за пријателство.
Република Северна Македонија, додава Османи, е идниот претседавач со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), почнувајќи од јуни 2023 година.