По одобрувањето од Владата, сега предлог-измените ќе бидат испратени во Собранието и доколку бидат донесени до претстојното лето, ќе важат за новите градоначалници кои ќе се избираат на редовните локални избори во октомври
Владата на денешната 77. Седница го одборила предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за локална самоуправа.

Со измените и дополнувањата, како што соопштиле за МИА од „Илинденска“ број 2, меѓу другото се предивдува референдумско отповикување градоначалници, воведување комунална полиција и поголемо учество на граѓанскиот сектор во носењето одлуки на локално ниво.
По одобрувањето од Владата, сега предлог-измените ќе бидат испратени во Собранието и доколку бидат донесени до претстојното лето, ќе важат за новите градоначалници кои ќе се избираат на редовните локални избори во октомври.
„По одобрувањето од страна на Собранието, овие измени ќе донесат значителни подобрувања во функционирањето на општините, зголемување на транспарентноста, граѓанското учество и административната ефикасност“,
се вели во соопштението од владината прес-служба.
Измените, како што пишува државната новинска агенција, предвидуваат распишување на референдум за отповикување на градоначалник доколку 20 проценти од граѓаните во конкретната општина поднесат предлог за негово разрешување.
Инаку, министерот за локална самоуправа Златко Перински неколкупати досега информира дека измените не можат да важат ретроградно, што значи дека не може да биде отповикан ниту еден од актуелните градоначалници. Со измените се очекува да се подобри состојбата на локално ниво и сите чинители кои се засегнати да имаат поквалитетно и поиздржано законско решение.
Од Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) попладнево го поздравија поминувањето на предлог-законското решение на Влада и изразија надеж дека овој закон ќе биде донесен од Собранието во најкраток рок.
„ЗЕЛС ја поздравува одлуката на Владата на РСМ за усвојување на Законот за изменување и дополнување на Законот за локална самоуправа, а особено делот кој се однесува на формирање на општинска комунална полиција. Ова е долгогодишно барање на ЗЕЛС и се надеваме дека со овие измени, по донесување на овој Закон, општините ќе обезбедат многу подобри услуги кон своите граѓани“,
велат од ЗЕЛС, пренесе МИА.
За потсетување, Законот за локална самоуправа претрпе измени и дополнувања кон крајот на септември, минатата година.
Имено, со 85 гласа „за“, 17 „против“ и без „воздржани“, во Собранието на 24 септември 2024 година поминаа измените на Законот за локална самоуправа по скратена постапка со кои се продолжи мандатот на в.д. градоначалниците на Аеродром, Сарај и Гостивар до локалните избори.
За овие измени тогаш гласаа и пратениците од опозициската коалиција „Европскиот фронт“ предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ).