Селекција на отпадот, посебни контејнери за посебен вид отпад, рециклирање… ова се само некои од најчесто споменуваните термини и идеи во дебатата – како до почиста животна средина? Но, на терен, барем во земјава, примената на оваа високо благородна мисија е сведена на грда слика за парче леб. Ако некој практично придонесува за селекција на отпадот, тоа се илјадниците неформални собирачи кои и на пекол-жешко и на мраз-студено собираат пластика, хартија и метал по контејнери и депонии, најчесто со небезбедни импровизирани возила. Никогаш нема да дочекаат социјална, пензиска и здравствена заштита од вработување, а многу од нивните деца нема да завршат ниту основно училиште бидејќи мора да работат со нив. Но, не мора да биде така. Едно младо, т.н. социјално претпријатие, од неодамна почна обид целосно да ја смени приказната
Секое утро во работните денови за Тархан Шабан од Шуто Оризари почнува како и за секој друг скопјанец што има работа.Излегува од дома во точно определено време за на време да стигне на работното место.
Тој и уште неколкумина негови колеги се собирачи на неопасен отпад за рециклирање, но не онакви какви што јавноста е навикната да гледа.
Наместо да бараат хартија и пластика по контејнери со импровизирани возила и без заштита, Тархан и колегите на располагање имаат еколошки електрични возила. Паркирани се во соодветен простор каде секое утро прво ја проверуваат нивната исправноста и дури потоа заминуваат на терен, на однапред утврдени локации.
„Сега во Карпош. Најмалку денеска 3 згради, поголеми, понатаму може и повеќе.“
вели Тархан.
Втората предност за Тархан пред неформалните собирачи е што тој не собира пластика и хартија од улица. Неговата задача е да го собира отпадот што може да се рециклира од станбени згради. На секој кат од оваа зграда во скопската општина Карпош, Тархан поставил по два картонски сада, едниот за пластика, а другиот за хартија. Договорот за нивно поставување го склучиле станарите и социјалното претпријатие Реди рециклирање, фирмата за која работи Тархан.
Таки, како што го нарекуваат колегите, е еден од неколкутемина вработени во компанијата која има повеќе цели, но главно – да им помогне на довчерашните неформални собирачи да станат формални и со тоа да ги остварат сите права од работниот однос – здравствено, социјално и пензиско осигурување.
„Татко ми собираше пластика, ама тој беше неформален работник, приватен. Немаше здравствено осигурување, не беше пријавен. Тоа многу влијаеше на мене, сега јас сум формален работник, пријавен сум“
рече Тархан.
Бидејќи е осигурен, осигурени се и трите деца на Тархан.
„Јас имам семејство и тоа многу влијае на нив, повеќе здравството влијае, осигурувањето ми е платено, платено е здравството за децата така.“
вели Тархан.
Ваквиот начин на собирање пластика и хартија не е добар само за социјалните права и положба на вработените во Реди и нивните семејства, туку и за животната средина. Задоволни се и жителите на зградите каде Таки и колегите собираат отпад за рециклирање.
„Мислам дека 2 пати неделно поминуваат, на почетокот првите 10 дена имаа мал застој кога се собра повеќе пластика и шишиња кои комшиите редовно ги фрлаат во новите РЕДИ МИ, така што сега поминува 2 пати неделно и искрено и празници и контејнерите се празни хартиените што ги имаат оставено. Така што, сега се изгледа подобро отколку како што беше претходно, да имаш насекаде расфрлано и во влезови, надвор во паркови“
вели Александар.
Александар е на став дека иницијативата треба да се практикува низ цело Скопје, бидејќи ја зголемува свеста за рециклирање.
„Би требало, затоа што се создава друга навика, други вредности, добиваат луѓето на друго значење. После тоа ќе видиме како ќе биде целото затоа што имаше и органски отпад кој што треба да се користи за ѓубрива и така натаму“
рече Александар.
Социјалното претпријатие Реди во моментов има неколку возила и вработени, но и многу поголеми планови. Идејата е сегашната пилот-фаза да прерасне во бизнис кој би отворил околу 1 500 т.н. зелени работни места. Односно, сегашните неформални собирачи да станат формални и практично сами да го управуваат секторот.
Сопственик на Реди е невладина организација со истото име, а човекот кој ја води, Асип Зекир, вели дека тоа што сега се случува на терен е само почеток на првата од вкупно три фази.
„Во моментот сме во првата фаза односно собирање и транспорт на неопасен отпад. Истата вклучува воспоставување систем за примарна селекција во станбените објекти во домаќинствата и во компаниите каде што неформалните собирачи, односно веќе формализирани собирачи и вработени во Реди Рециклажа, ги поставуваат кантите во станбените објекти, ги сервисираат со нивно испразнување, потоа собирниот отпад го транспортираме во лиценцирано складиште кое што понатаму врши дополнителен процес рециклирање“
вели Зекир.
Втората фаза би требало да биде отворање и управување со центар за третман и сортирање на отпад, со што собирачите би остварувале приход и од трговијата со отпадот. Третата, засега далечна фаза, е да се почне со рециклирање на отпадот.
Но, за целата идеја да профункционира на терен, Асип Зекир вели дека е нужна промена на законодавството со кое социјалните претпријатија би добиле одреден стимул од државата.
„Реално, првата драфт верзија која што беше прикажана за законот за социјални претпријатија веќе започната од 2015 година, меѓутоа за жал се уште не е усвоена и токму поради тоа, нам ни претставува пречка за да може да дејствуваме како социјално претпријатие. Често пати имаме неколку проблеми, да речам предизвици пред потенцијалните инвеститори или донатори, затоа што не можеме да докажеме дека нашето дејствување е всушност наклонето кон социјалното претпријатие. Исто така, и од административна гледна точка и од финансиска гледна точка, сме чекор назад од останатите претпријатија поради тоа што ние сме сепак социјално претпријатие, меѓутоа делуваме и сме под еден ист закон како и останатите претпријатија“
рече Зекир.
А државата, поточно министерствата за труд и социјала и за животна средина, веќе покажаа и ветија поддршка за Реди, а со тоа и за слични иницијативи. Но, според првиот човек на животна средина, поддршката и не мора нужно да биде преку нов закон.
„Дали има потреба од конкретен закон за нив, ова е разговор што ние како Влада, нормално, како држава, ќе го водиме заедно со Министерството за труд и социјална политика“
вели Нуредини.
До евентуално носење нов закон, Нуредини вели дека социјалните претпријатија, како Реди, треба да ги користат неодамна донесените закони за управување со отпадот. Меѓу другото, тие пропишуваат – секоја фирма што создава отпад, однапред да плаќа за неговото собирање.
„Како животна средина, ги донесовме законите за управување со отпад, каде што, еве имаме уште еден закон од пакетот 6-те закони, еден од нив е проширување на одговорноста на производителите, односно тие имаат нова одговорност, имаат одговорност за собирањето отпад што го пуштат на пазарот, заедно со оние шеми кои не се профитабилни. Ќе се ангажирам да соработувам со овие организации за собирањето на селектираниот отпад“
рече Нуредини.
Од Министерството за труд и социјална политика, пак, беа подиректни – велат дека со поддршка од експерти од ЕУ се работи на нов закон.
„Со воспоставување соодветна правна рамка треба да се уредат суштинските карактеристики на социјалните претпријатија, како што се: дефиницијата за социјално претпријатие, критериумите за стекнување статус на социјално претпријатие, нивната регистрација и даночниот третман, финансиска поддршка, градење на капацитети, воспоставување на локални партнерства неопходни за водење на социјалните претпријатија, дефинирање на инклузивната улога на социјалните претпријатија и креирањето работни места за ранливите групи граѓани во локалната заeдница“
се вели во одговорот на МТСП.
На прашањето кога би се донел ваков закон, од труд и социјала велат – следната година. Што поскоро, тоа подобро, би рекле од Реди. Бидејќи, социјалните претпријатија не само што треба да ги заштитат работничките права на маргинализираните, туку и да ги вратат децата во училиште, да ја подобрат здравствената заштита на многу семејства и не помалку важно – да ја унапредат животната средина.