Пратеникот кажа дека на овие избори поради соработката со ВМРО-ДПМНЕ изгубиле 27 000 гласови и оти одговорност за изборниот резултат мора да има. За Африм Гаши во однос на новото мнозинство, пак, кажа дека бил доведен пред свршен чин
Пратеникот од Алтернатива, Скендер Реџепи, вечерва во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21, рече дека ВМРО-ДПМНЕ ги добило изборите на нивен грб бидејќи се претставиле како едно поинакво ВМРО.
Сепак, од друга страна вели дека Алтернатива ги изгубиле изборите баш поради оваа коалиција.
На прашањето дали ќе се бара оставка од партискиот лидер, Африм Гаши, тој одговори дека одговорност и отчет мора да има.
„Треба да се разгледаат резултатите од изборите на кои се изгубија 27 илјади гласови поради коалицијата со ВМРО ДПМНЕ“,
рече Реџепи-Зејд на ТВ21.
Исто така, тој рече и дека Гаши бил доведен пред свршен чин, алудирајќи на фотографијата која ја објави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а на која се и пратеникот од Алијанса, Халил Снопче, и претседателот на Левица, Димитар Апасиев.
„Група луѓе поставија фотографија на која е присутен и мојот претседател (Африм Гаши, претседател на Алтернатива), кој верувам дека е повеќе на таа позиција, бидејќи го доведоа пред свршен чин, но сепак тоа е негов став“,
рече Реџепи-Зејд.
Тој кажа и дека се зачудил кога ја видел фотографијата и тврди дека му се јавил на колегата Снопче велејќи му дека нешто не е во ред.
Во телевизискиот настап, Реџепи-Зејд ги коментираше и коалициските партнери од Алијанса за Албанците, со кои настапија заеднички на локалните избори. Рече дека му било кажано оти ЛДП, а не Левица ќе бидат дел од новото мнозинство и посочи дека повеќе нема почит кон лидерот на Алијансата, Зијадин Села. Тој ја коментираше и средбата на генералниот секретар на Алијанса и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, со генералниот секретар на Беса, Аријанит Хоџа, која се одржа во текот на кампањата, а за која рече дека била нож во грб за Алтернатива.
„Средбата помеѓу Аријанит Хоџа и Арбен Таравари без да го информира коалицискиот партнер и притоа знаејќи ги како внатрешно стојат работите за нас, беше повеќе од нож во грб. Се среќаваат генералните секретари на двете партии, едниот вика ние јадевме ручек, другиот вика пиевме кафе, ние не знаеме дали пиеле кафе или јаделе ручек, но едно со сигурност знаеме, работеле на проект кој не оди во корист на Алтернатива. Најмалку што требаше е да не викне нашиот коалициски партнер на разговор, да не информираат за намерите, да седнеме и да разговараме, па да пробавме да најдеме решение. Тоа што се направи од многуте партиски структури се оцени како штетно“,
посочи Реџепи-Зејд.