Пратеникот на Алијанса за Албанците, Халил Снопче, доцна попладнето ја уверуваше јавноста дека потписите на 61 пратеник за уривање на Владата се безбедни
Настапот следува откако порталот „Журнал“ објави дека пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи, не знаел дека ќе биде на иста маса со Апасиев и дека нема намера да биде покрај него
Пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи – Зејд, е против ново мнозинство во кое е вклучена Левица на Димитар Апасиев. Оваа вест, која попладневно ја објави порталот „Журнал“, а ја пренесе и „360 степени“, вечерва внесе нов заплет во и онака деликатната политичката ситуација по најавата за оставка на Зоран Заев од премиерската функција.
Проблемот е што Реџепи е еден од 61 потписници за гласање недоверба на Владата, па неговото евентуално повлекување би значело, барем привремено, дека е јалова заканата до власта – или Заев веднаш да ја поднесе оставката или во Собранието ќе му биде изгласана недоверба.
Пратеникот Реџепи, сепак, не излезе јавно туку неговиот став беше споделен од „блиски извори“ на кои се повика „Журнал“. Неколку часа подоцна, на такви извори се повика и „Слободен печат“, но пораката до јавноста сега беше поинаква. Партиски извори од Алтернатива потврдиле дека Реџепи „има забелешки“ што во фронтот за рушење на Владата е и Левица, но тоа не ја менувало неговата позиција.
„Пратеникот Реџепи има забелешки за вклучувањето на партијата Левица во коалицијата за рушење на оваа хибридна власт на СДСМ и ДУИ. Сметаме дека има алтернатива и решение и за ова прашање“,
велат изворите од Алтернатива за „Слободен печат“.
Анонимните партиски извори можеби не беа доволно уверливи, па подоцна попладнево, за ТВ21, став даде пратеникот Халил Снопче од Алијанса за Албанците, партија која е во коалиција со Алтернатива на Скендер Реџепи. Во својот настап, тој го претстави Реџепи на начин кој не остава простор за сомнеж дека би го повлекол потписот.
„Имаме 61 потпис. Скендер Реџепи е координатор на пратеничката група на АА-А. Реџепи е еден од главните гласови на албанската опозиција во Собранието. Еден од најпосветените луѓе против криминалот на оваа власт, против овој хибриден режим, нормално дека Скендер Реџепи потпиша за рушење на оваа влада“,
рече Снопче .
На понатамошните прашања, дали собраните 61 потпис се „безбедни“, Снопче не само што одговори потврдно, туку и вети дека тие ќе се зголемат. Со повишен тон кој требаше да демонстира сигурност, кажа дека наскоро ќе имаат 66 потписи за рушење на владата на Заев.
„Потписот го депонираа 61 пратеник, 61 маж, сериозни луѓе избрани од народот го ставија својот потпис и сега зборуваме за тоа дали се сигурни. Ова мнозинство ќе се зголемува во наредните денови, ќе брои 64, 65, 66 пратеника. Ви гарантирам, бидејќи, нормално, не станува збор за тоа дали се сигурни овие потписи, кога пратеникот, народниот избраник, се потпиша за уривање на владата. бидејќи овие луѓе, всушност, сите се бореа против оваа влада, бидејќи се сметаше за криминализирана, корумпирана и, нормално, меѓународните институции, како што реков и претходно, ја нарекуваат хибридна влада“,
изјави Снопче за ТВ21.
Изјавата на Снопче говори дека „таму каде има чад има и оган“. Но, во случајот, јавноста се уште не го слушнала ставот на човекот од кој потекна овој дополнителен заплет – пратеникот Скендер Реџепи.
Така, причините за неговото колебање може да се најдат само во текстот на „Журнал – дека Реџепи го ставил својот потпис за гласање на недоверба на владата, без да знае дека седнува на иста маса со Апасиев, туку дека му било речено оти последните потребни потписи ќе стигнат од ЛДП на Горан Милевски.