На глобално ниво, иако известувањето од вооружени конфликти е причина за многу смртни случаи, во последните 20 години повеќе новинари се убиени во мировните зони отколку во воените зони, поради нивните истраги за организиран криминал и корупција
Во периодот од 2003 до 2022 година во светот се убиени 1 668 новинари што во просек е 80 годишно, покажуваат податоците кои денеска ги објави организацијата Репортери без граници (РСФ).
Во извештајот се посочува дека како најопасни земји за новинарската професија се Ирак и Сирија. Во овие две земји зафатени од војна, во изминативе две децении убиени се 578 новинари што претставува една третина од вкупниот број.
По Ирак и Сирија се Мексико (125), Филипини (107), Пакистан (93), Авганистан (81) и Сомалија (78).
Во однос на полот, мажите претставуваат 95 отсто од убиените новинари.
По години, пак, „најцрни“ биле 2012 и 2013 година, со 133, односно 142 загинати новинари.
Бројот на убиени новинари повторно почна да расте во 2022, при што 58 новинари беа убиени годинава додека ја извршуваа својата работа, во споредба со 51 во претходната 2021, како резултат на војната во Украина каде загинаа осум новинари.
Украина е и на второто место кога станува збор за најопасните земји за новинари во Европа, а пред неа е Русија, каде за 20 години беа убиени 25 новинари.
Трета во Европа е Турција, а по неа е Франција.
На глобално ниво, иако известувањето од вооружени конфликти е причина за многу смртни случаи, во последните 20 години повеќе новинари се убиени во мировните зони отколку во воените зони, поради нивните истраги за организиран криминал и корупција.