Како партија, секогаш сме одржувале одлични односи со САД. Затоа ги поддржуваме мерките на нивното Министерство за финансии, изјави експремиерот Борисов коментирајќи ги наводите за поврзаност на ГЕРБ со санкционираните лица
Кога зборував, многумина молчеа и се криеја. Да се зборува денес е лесно и безбедно, кусо изјави бугарскиот претседател претседателот Румен Радев коментирајќи ги американските антикорупциски санкции против истакнати влијателни Бугари и повеќе од 60 организации. Меѓу нив се Васил Крумов Божков, Делјан Славчев Пеевски и Илко Димитров Желјазков.
Лидерот на ГЕРБ и доскорашен премиер на Бугарија, Бојко Борисов, изјави дека неговата партија ги поддржува мерките на Министерството за финансии на САД и очекува домашните судски органи да продолжат со истрагите.
„Не можам да прифатам нејаснотии на некои политички лидери. Јас долго време ги кажував своите односи со Пеевски и тие се чисто политички, поврзани со различни региони. Немаме компании ниту имаме заедничка деловна активност. Никогаш не сме добиле ниту пара од Божков. Како партија, секогаш сме ги одржувале најдобрите односи со САД. Затоа ги поддржуваме мерките на нивното Министерство за финансии“,
рече Борисов коментирајќи ги наводите за поврзаност на санкционираните лица со ГЕРБ.
Вчера САД воведоа широки антикорупциски санкции против влијателни Бугари и против повеќе од 60 организации.

Според Елена Поптодорова, долгогодишна амбасадорка на Бугарија во САД, санкциите имаат ефект на земјотрес, но не изненадуваат.
„Бевме предупредени, но, како и секогаш, не обрнуваме внимание на предупредувањата што доаѓаат од Вашингтон, Брисел и Венецијанската комисија. Овие предупредувања се остварија“,
рече амбасадорката Поптодорова, како што пренесува БГНЕС.
Таа истакна дека одлуката за санкциите не била ненадејна, туку резултат на долго истражување.
„Низа американски амбасадори во Софија ги алармираа своите администрации и најдоа начин да им сугерираат на бугарските влади дека имаме проблем со корупцијата и владеењето на правото. Дојде моментот кога се прелеа чашата. Тоа е отворен прозорец – да се направат вистински промени во одредени системи за управување во Бугарија“,
вели Поптодорова.
Бугарскиот политички аналитичар Огнен Минчев, во анализа за БГНЕС, оценува дека последиците врз бугарската политика ќе бидат мошне сериозни. Во оваа фаза, посочува, е тешко да се предвиди кои ќе бидат конкретните последици, но очигледно е дека ваквиот став на американската влада целосно ќе го доведе во прашање начинот на управување со Бугарија.
„Станува збор за активности што не се поврзани со краток временски период, туку се планирани долго време, со активности што изразуваат системски проблеми на националната влада, на бугарските институции – извршната власт, правдата итн. Политичките последици ќе бидат поврзани и со списокот на санкционирани лица, кој е многу јасен и специфичен. Ова не е позиција на САД, која се однесува на одредени струи во бугарската политика, туку позиција што изразува став кон структурните, длабоки проблеми на бугарската политика и влада како процес. Во специфичната политичка ситуација, гледаме дека последиците од санкциите против овие три лица ќе бидат последици и за владата во заминување и за опозицијата која се обидува да дојде на власт“,
анализира Минчев.