Од другите судии има двајца од Апелацискиот суд во Штип, за кои исто така беше повторена постапката, додека други двајца се судии во основни судови
Судскиот совет на денешната седница разреши петмина судии, од кои за тројца одлучуваше во повторена постапка со оглед дека тие веќе еднаш беа разрешени, но Советот за жалби при Врховниот суд им ги прифати жалбите и ги врати предметите на повторно постапување.
Како што неофицијално дознава „360 степени“, тројцата судии што се разрешени во повторената постапка се врховниот судија Стојанче Рибарев и двајцата судии од Апелацискиот суд во Штип, Сузана Здравева и Зоранчо Мицевски. Нивните жалби Врховен ги усвои во ноември односно декември минатата година.
Денешните одлуки за нивно разрешување донесени во повторената постапка пред Судскиот совет се конечни.
Рибарев е разрешен поради исклучување судии од АКМИС кога СЈО поднесуваше обвиненија
Од Судскиот совет ги соопштија причините за разрешување, но не ги објавија имињата на судиите. Меѓутоа, од причините за разрешувањето може да се заклучи дека врховниот судија Рибарев е разрешен за повреди што ги констатирал Советот за периодот кога тој беше на чело на Основниот суд Скопје 1.
Советот констатирал повреда со тоа што тој исклучил неколкумина судии од АКМИС за распределување предмети во период кога истекуваше рокот за поднесување обвиненија до судот од страна на СЈО.
„Тој постапил спротивно на Законот за судовите, односно исклучил неколкумина судии од системот АКМИС при процесот на распределба на предмети и ги довел во нерамноправна положба судиите во судот во период кога истекувал рокот на СЈО за покренување постапки. Со тоа судијата ги пречекорил законските овластувања и постапувал нестручно и несовесно“,
соопштија од Судскиот совет.
Во повторното одлучување, како што велат оттаму, се воделе од напатствијата од Советот за жалби кои биле во насока на тоа да се провери навременоста, преиначувањето, односно прецизирањето на барањето за утврдување одговорност, како и да се оцени дали судијата постапувал како судија или како в.д. претседател на суд.
Зошто се разрешени судиите од штипска Апелација
Во повторената постапка за двајца судии од штипска Апелација, пак, насоките што ги дал Советот за жалби во Врховниот суд биле да се почитува принципот на индивидуализација на постапката, како и целосно да се утврди фактичката состојба.
„При повторената постапка пред Судскиот совет земени се предвид насоките на Советот за жалби“,
велат од Судскиот совет.
Причината за разрешување на судиите е што еден од нив постапувал во предмет каде што една од странките била застапувана од адвокатска канцеларија каде што работел синот на судијата. Вториот судија, пак, е разрешен затоа што како в.д. претседател одлучил да не го изземе другиот судија од предметот, иако знаел дека постои конфликт на интерес.
Двајца разрешени судии од основните судови
Покрај тројцата судии за кои имаше повторена постапка, другите двајца разрешени се во прв степен и се судии од основните судови. Неофицијално, станува збор за судии од Штип и Тетово. Меѓутоа, одлуката на Судскиот совет за нив не е правосилна и тие имаат право на жалба до Врховен.
„Кај првиот судија е констатирано дека биле донесени две различни решенија за иста правна ситуација и применил различни законски одредби. Судскиот совет заклучи дека судијата постапувал несовесно и нестручно затоа што ги прекршил одредбите од Законот за парнична постапка. Затоа донесе решение за разрешување на судијата“,
велат од Судскиот совет.
Другиот судија од основен суд, пак, е разрешен бидејќи Советот утврдил дека ги прекршил одредбите од Судскиот деловник, како и од Законот за парнична постапка, односно не ги почитувал законските рокови за закажување и одржување на рочишта со што постапил нестручно и несовесно.