Со камери на рамото, полицајците ќе ги спроведуваат сообраќајните контроли. Целта е да се намалат евентуалните злоупотреби од страна на полициските службеници при извршување контрола во сообраќајот.
Полицискиот службеник ја вклучува камерата, по што ја започнува постапката за сопирање на возилото и извршување идентификација и контрола на возачот околу доследното почитување на сообраќајните правила и прописи. Полицаецот при првиот контакт го предупредува возачот дека постапката за контрола се снима.
„Снимањето видео и аудио во постапката за контрола на сообраќајот може да помогне понатаму во постапка на МВР или пред суд може да послужи како доказ, со цел да се превенира злоупотреби од страна на полицајци, како и за претставки на граѓаните за да се види дали тие се основани“,
изјави Зоран Талев, командир на Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Тетово.
На овој начин со снимање со „бодикам“ веќе работат мобилните единици за сообраќај во Скопје и нивното искуство покажало дека во голема мера се намалени злоупотребите од полицајците и неоснованите постапки за непрофесионално постапување.
Според Талев, мобилниот систем за снимање е напреден технолошки капацитет, кој има можност за непрекинато снимање од 72 часа.
Секторот за внатрешни работи Тетово деновиве започна со употреба на мобилни системи со камери кои ќе снимаат додека изведуваат активности за контрола на безбедноста во сообраќајот. Камерите се донација од САД.