Помошникот на Кремљ за надворешна политика, Јуриј Ушаков, за рускиот медиум „Звезда“ изјави дека двете страни разговарале за војната во Украина и можностите за подобрување на односите меѓу САД и Русија. Тој додаде дека Москва добила одредени сигнали од Трамп и одговорила на нив

Средбата меѓу рускиот претседател Владимир Путин и специјалниот пратеник на претседателот на САД, Стив Виткоф, заврши денеска во Кремљ, соопшти прес-службата на рускиот претседател. Руските медиуми пренесуваат дека средбата траела три часа.
Специјалниот пратеник на американскиот претседател пристигна во Москва рано изутрината, а беше пречекан од генералниот директор на Рускиот фонд за директни инвестиции, Кирил Дмитриев, по што го посетија паркот Зарјадје во Москва.
Разговорот меѓу Путин и Виткоф беше корисен и конструктивен, објави помошникот на Кремљ за надворешна политика, Јуриј Ушаков.
Оваа тричасовна средбата во Кремљ доаѓа на два дена пред истекот на рокот што американскиот претседател Доналд Трамп ѝ го даде на Москва да постигне договор со Украина или да се соочи со нови санкции од САД.
Јуриј Ушаков за рускиот медиум „Звезда“ изјави дека двете страни разговарале за војната во Украина и можностите за подобрување на односите меѓу САД и Русија. Тој додаде дека Москва добила одредени сигнали од Трамп и одговорила на нив.
Американскиот претседател претходно се закани со санкции против Русија, кои би вклучувале секундарни тарифи против нејзините трговски партнери како што се Кина и Индија.
„Не споменав проценти кога зборував за санкции, но ќе разговараме и за тоа. Ќе видиме како ќе се развива ситуацијата во наредните денови. Имаме состанок со Русија и потоа ќе донесеме одлука“,
рече Трамп.
Што ќе се случи?
Малку е веројатно дека Путин ќе се согласи на ултиматум бидејќи верува дека ја добива војната и дека неговите воени цели се поважни од неговата желба да ги подобри односите со САД, изјавија за Ројтерс три извори блиски до Кремљ.
„Посетата на Виткоф е последен обид да се најде решение што би го спасило образот за двете страни. Но, не мислам дека ќе има некаков компромис меѓу нив“,
смета Герхард Мангот, австриски аналитичар и член на група западни академици и новинари кои редовно се среќавале со Путин во текот на годините.
Русија ќе инсистира дека е подготвена за прекин на огнот, но само под условите што ги формулирала во текот на изминатите две или три години, рече аналитичарот во телефонско интервју. Руски извори изјавија за Ројтерс дека Путин е скептичен дека потенцијални нови санкции на САД би имале големо влијание по последователните бранови економски казни за време на три и пол годишната војна.
Рускиот лидер не сака да го налути Трамп и сфаќа дека можеби пропушта можност да ги подобри односите со Вашингтон и Западот, но неговите воени цели се поважни за него, велат два од изворите.