Меѓународниот суд во Хаг денеска треба да изрече правосилна пресуда против поранешниот командант на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, кој првостепено е осуден на доживотен затвор за геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото против несрпско население за време на војната во БиХ. Петчлениот жалбен совет ќе постапува по жалбите на двете страни – на одбраната и на Обвинителството кои ја обжалија првостепената пресуда.
Одбраната на Младиќ бара тој да биде ослободен или повторно да му се суди, тврдејќи дека обвинителството не ја докажало неговата вина, а обвинителите бараат да се потврди пресудата за доживотен затвор, но и прогласување на виновен за геноцид во уште пет други општини освен во Сребреница.
Во 2017 година Младиќ беше прогласен за виновен по 10 од 11 точки од обвинението.Тој беше осуден на доживотен затвор поради геноцид во Сребреница во летото 1995 година, прогон на Бошњаците и Хрватите, тероризирање на цивилите при земање како заложници на припадниците на мировната мисија на Обединетите нации. Единствено беше ослободен од вина за геноцид во општините Приједор, Сански Мост, Кључ, Котор Варош, Фоча и Власеница во 1992 година.
Главниот обвинител, Серж Брамерц, пред изрекувањето на правосилната пресуда изјави дека очекува потврдување на казната доживотен затвор, но предупреди на сѐ поголемиот проблем на негирање и релативизирање на воените злосторства во Босна и Херцеговина од страна на актуелните политичари.
Младиќ е во притвор во Шевенинген од 31 мај 2011 година. Тој беше уапсен од српските власти на 26 мај истата година во Лазарево кај Зрењанин и беше испорачан на Трибуналот.
Судењето на генералот Младиќ траеше од 16 мај 2012 година до 15 декември 2016 година. Во текот на 530 работни дена беа сослушани 169 сведоци на обвинителството и 208 сведоци на одбраната. Писмените изјави на уште 214 сведоци беа исто така признати како докази. Прифатени беа 9.914 доказни предмети.
Хашкиот трибунал го обвини генералот Младиќ првпат на 25 јули 1995 година, а обвинението беше изменето неколкупати до 2011 година.