Заканата за губење на националниот идентитет и губењето на суверенитетот и независноста на државата како последица на процесите на европеизација се наметнуваат како најважни фактори за формирањето на евроскептичните ставови
Се зголемува евроскептицизмот кај младите, но ЕУ сè уште се смета за најголем сојузник, покажуваат две истражувања за јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Унијата, чии резултати денеска ги презентираше Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) во соработка со канцеларијата на Фондацијата „Конард Аденауер“ во Скопје.
Резултатите упатуваат на тоа дека 35,6 отсто сметаат дека ЕУ е најголем сојузник на земјава, пред САД и Русија.

Расте поддршката кон Евроазиската Унија
Истражувањата покажуваат и дека во 2020 се става крај на долгогодишниот тренд на опаѓање на поддршката кон ЕУ – од 80 проценти во 2014 до 65 отсто во 2019, односно во 2020 поддршката е зголемена за 4 проценти во споредба со една година претходно и изнесува 69 проценти. Дополнително, презентираат од Институтот за демократија, се намалува меѓуетничкиот јаз во степенот на поддршка за членство во унијата.
„Сепак, паралелно на овие придвижувања, воочлив е и соодветен раст од 3 проценти на евроскептичните ставови, кои сега претставуваат 22 проценти од популацијата. Од тука, поддршката кон Евроазиската Унија како алтернатива на членството во ЕУ бележи раст од околу 13 проценти во однос на 2019 година“,
нагласуваат од ИДСЦС.
Резултатите покажуваат дека на прашањето „ако следната недела се одржи референдум за влез на Република Северна Македонија во ЕУ, како би гласале“, 22 проценти одговориле дека ќе гласаат „против“, додека во 2019 ваков одговор дале 19 отсто од испитаниците. Во 2014 „против“ биле 14 проценти.

Кога станува збор за конкретните резултати за Евроазиската унија, во 2019 поддршка дале 25,8 проценти, додека 2020 тој процент изнесува 38,7. Против, пак, во 2019 биле 55,6 отсто, а во 2019 55,6 проценти.

Кои се причините „за“ и „против“ членство во ЕУ
Во истражувањето процентуално се наведени и причините поради кои граѓаните рекле дека ќе гласаат „за“ или „против“ членството во НАТО.
„Заканата за губење на националниот идентитет и губењето на суверенитетот и независноста на државата како последица на процесите на европеизација се наметнуваат како најважни фактори за формирањето на евроскептичните ставови“,
покажува едно од истражувањата.
Првите три причини за глас против членството во ЕУ се: губењето на националниот идентитет – 23%; промената на уставното име на државата – 20% и губењето на суверенитетот и независноста на државата – 19%.

Од оние кои би гласале „за“, пак, првите три причини се: унапредување на животниот стандард 21%; намалување на невработеноста – 19% и поголема сигурност и стабилност на државата – 19%.

Позициите на соседите се најголем проблем за повеќе од половина граѓани
Од ИДСЦС наведуваат и дека очигледен е и порастот на негативните перцепции кон соседите и нивното сојузништво во евроинтегративниот процес.
„За разлика од минатите години, кога причините во пристапниот процес се гледаа повеќе во неостварување на домашните реформи, сега повеќе од половината од граѓаните најголемиот проблем за македонскиот пристапен процес го насочуваат кон позициите на соседните држави, што е за 20 проценти повеќе од минатата година“,
велат од Институтот за демократија.
Ваквата промена во ставовите, според истражувачите, е логична и очигледно е во корелација со динамиката на билатералните односи со соседните држави кои се членки на ЕУ.
„Така, понискиот процент на дистрибуција на ставови во рамките на оваа варијабла во 2019 година со голема веројатност се должи на разрешувањето на спорот со Грција со што и се крена долгогодишната рампа врз македонскиот процес за пристапување кон ЕУ. Значителното зголемување на фреквенциите на перцепции по ова прашање во 2020 година е несомнено резултат на новиот спор со Бугарија и нејзината одлука да ги блокира преговорите за членство кон крајот на годината“,
пишува во едно од двете истражувања.
Оптимизам за временската рамка кога би станале членка на ЕУ
Истражувањето упатува и на резултат дека преовладува оптимистички дух и кај перцепциите околу временската рамка кога Северна Македонија би стане членка на ЕУ.
Така, најголем дел или 28 проценти сметаат дека тоа ќе се случи во следните 5 години што е раст за 8 отсто во споредна од 2019. Во следните 10 години, пак, одговориле 25 проценти што е раст од 5 отсто, додека 20 проценти одговориле дека ќе станеме членка на Унијата во следните три години што е раст за 6 отсто.
Од друга страна, пак, во 2020 во споредна со 2019 за 7 проценти е намален бројот на оние кои сметаат дека тоа ќе се случи во следните 20 години, а за 9 отсто на оние кои сметаат дека никогаш нема да станеме дел од ЕУ.

Повеќе детали за двете истражувања можете да погледнете ТУКА.