Вакцинацијата против ковид-19, која се смета за најдобриот начин да се застане на патот на една од најголемите пандемии во светот, започна пред повеќе од два месеца, но бројот на заразени со коронавирус, особено со новите мутации, во светот расте
Во Франција вчера се регистрирани 31 519 нови случаи на инфекција со коронавирус, што е најголем број за еден ден од ноември минатата година.
Во Франција во тек е вакцинацијата и според Министерството за здравство повеќе од 2,6 милиони луѓе се вакцинирани против ковид-19.

И Шведска, која од самиот почеток промовираше модел на „имунитет на стадо“, а подоцна почна да воведува рестрикции, објави дека најверојатно ќе следуваат нови мерки.
Британскиот сој коси во САД
Американски научници од Медицинскиот факултет на Универзитетот Колумбија објавија дека во Њујорк се зголемува бројот на заразени со новиот сој коронавирус кој има некои сличности со мутацијата откриена во Јужна Африка.

Новиот сој, познат како Б.1.526, првпат бил идентификуван од научниците во примероците собрани во Њујорк во ноември, а до средината на февруари бил потврден во околу 12 проценти од сите случаи.
Студијата покажа дека сојот Б.1.526 има некои загрижувачки заеднички карактеристики со сојот Б.1.351 идентификуван во Јужна Африка и П.1., што првпат беше потврдено во Бразил, кои се поотпорни на некои постојни вакцини отколку претходните верзии на коронавирусот.
Истражувањето покажува дека неодамна откриените вакцини против Ковид-19 веројатно ќе бидат ефикасни против вирусите, дури и за инфекции со новите варијанти, а производителите забрзано работат на развој на подобрени вакцини за борба против откриените нови мутации.
Едни се отвораат, други се затвораат
Чешка најави дека од утре се забрануваат патувањата на своите државјани во неколку африкански и јужноамерикански земји, каде што постои голем ризик од новите, позаразни мутации на коронавирусот.
Чешкото Министерство за здравство вчера соопшти дека забраната за патувања ќе стапи во сила на 26 февруари и ќе важи до 11 април, со некои исклучоци, како и дека важи за земјите како што се Боцвана, Бразил, Јужна Африка, Кенија, Малави, Танзанија и други.

За да го забави ширењето на вирусот, кое изврши голем притисок врз болниците во земјата, чешките власти во моментов разгледуваат други поостри мерки во борбата против пандемијата, пренесуваат британските медиуми.
Засега олеснување на рестрикциите се најавуваат во Велика Британија, каде што наскоро децата треба да се вратат во училиштата со физичка настава, и Швајцарија.

Швајцарија најавува од 1 март да се отворат музеи, продавници и библиотеки и собири на отворено до 15 лица.
Швајцарија им нареди на компаниите да им наложат на работниците да работат од дома кога е можно и има ограничени собири на пет лица. Училиштата, ски-лифтовите и жичниците сè уште се отворени, но рестораните и културните институции се затворени.
Досега таму се регистрирани над 552 000 случаи на инфекција заедно со соседен Лихтенштајн, додека повеќе од 9 200 луѓе починале.
Следната фаза од отворањето е планирана за 22 март, доколку темпото на пандемијата го дозволува тоа. Владата соопшти дека ќе дозволи спортски и културни активности за лица помлади од 20 години, како и концерти за млади, но без публика.
Србија рекордер во регионот по вакцинација, но и по заразени
Во регионот, Србија, како лидер во вакцинацијата со вакцинирани над еден милион вакцинирани, бележи трет бран на зараза, чиј епицентар епидемиолозите го лоцираат во угостителските објекти во скијачките центри.
Вчера во Србија биле регистрирани 3 416 нови случаи на зараза, 17 починати, 3 700 се на болничко лекување, од кои 152 се на респиратор. Најмногу нови случаи има во Белград – 1 000 од вчерашните, каде што инспекциите откриваат и најголем број нелегални дискотеки со по 1 000 гости.

Поради ваквата состојба, Кризниот штаб утре треба да разгледа нови мерки за викендот.
Израел целосно се отвора во април
Израел, земјата која се смета за лидер по вакцинирани во светот со 4 537 244 лица кои ја примиле првата и 3 146 509 лица вакцинирани со втората доза (од околу 9,3 милиони жители), најавува дека во април ќе ги укине сите мерки и враќање на земјата во нормала.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ситуацијата во земјата ја опиша вака:
„Додека луѓето ширум светот чекаат вакцини, во Израел вакцините ги чекаат луѓето“,
рече тој.
Нетанјаху објасни дека нивната цел е до крајот на март да ја завршат вакцинацијата на сите лица постари од 16 години и дека планираат до април земјата да ја вратат во нормала.

Локалните медиуми веќе јавија дека администрацијата во Тел Авив планира да испрати вакцини против ковид-19 во повеќе од 15 земји, вклучувајќи ги Палестина, Италија, Чешка и Унгарија.
Израелскиот Кнесет (парламент) вчера донесе закон, според кој евиденцијата на вакцинираните лица во земјата ќе биде достапна за секого.

Според податоците на веб-страницата „Ворлдометерс“, во светот повеќе од 113 милиони луѓе се заразени со ковид-19 од почетокот на пандемијата.
Од нив, над 2,5 милиони луѓе починале, додека активни се околу 22 милиони случаи.
Според бројот на смртни случаи, на прво место се САД (со повеќе од 515 000 починати), по што следуваат Индија (над 156 000) и Бразил (со приближно 250 000).