Кај глобалните проекции има надолно ревидирање на глобалната економија во 2023 година, а ние и во овие услови проектираме дека ќе има повисок раст од 2022 година, вели министерот за финансии
Во 2023 година ќе продолжиме со конзистентните политики зашто пред нас повторно е година со предизвици, можеме да поддржиме раст преку реформи и зголемување на инвестициите во инфраструктурата. Ова го порача министерот за финансии Фатмир Бесими на панелот „Како истовремено да оствариме соборување на инфлацијата и раст на економијата“ во рамки на конференцијата „Економски предизвици во 2023 година: Како да го одржиме економскиот раст и ја трансформираме економијата“, во организација на Стопанската комора.
Според Бесими, и оваа година ќе биде продолжение на предизвиците со кои веќе четири години се соочува држвата.
„Новата 2023 година ќе биде продолжение на предизвиците со кои веќе четврта година по ред се соочуваме. После ковидот беше најавено дека ќе живееме во една нова нормала, а тоа е да се креира раст во време на кризи. Кај глобалните проекции има ревидирање надоле за глобалната економија во 2023 година, а ние и во овие услови проектираме дека ќе има повисок раст од 2022 година“,
рече Бесими.
Тој нагласува дека растот во 2022 година бил 2,7, а за годинава се планира тој да биде од 2,9 отсто.
„Како мала и отворена економија ќе се соочиме со предизвиците на нашиот најголем трговски партнер кој има забавен раст. Мора да се фокусираме и на домашната побарувачка за одржување стабилност на цените. Планираме фискална консолидација што значи дефицитот од 8,2 на среден рок да се сведе на 3 отсто, а јавниот долг на 60 отсто од БДП“,
посочи Бесими.
Министерот за финансии посочи дека главната порака кон инвеститорите и приватниот сектор е создавање кредибилни политики.
„Не можеме како мала и отворена економија да влијаеме што ќе се случи во глобалната економија и светскиот пазар, но можеме да имаме конзистентни и кредибилни наши политики, а тоа е тесна соработка со приватниот сектор. Да испратиме порака дека сме определени на менаџирање на очекувањата, пред се на цените“,
потенцира Бесими.
Бесими нагласи дека јасно се определени и соодветно да се менаџираат цените и додаде дека имаме драстично намалување на непродуктивните расходи, а како што рече, во 2022 година на стопанството му се вратени за 210 милиони евра повеќе отколку во 2021 година.