Глобалната референтна цена на нафтата се зголеми за 5,4 отсто на 95,27 долари за барел, додека американската референтна цена беше за 5,9 проценти повисока на 88,79 долари

Глобалните цени на нафтата скокнаа за повеќе од 5 отсто откако претседателот Доналд Трамп изјави дека САД пресретнале и заплениле товарен брод под иранско знаме.
Ова се случи откако Иран во саботата изјави дека повторно го затвора Ормускиот Теснец за комерцијални бродови и дека секој брод што ќе му се приближи, ќе биде цел.
Глобалната референтна цена на нафтата се зголеми за 5,4 отсто на 95,27 долари за барел, додека американската референтна цена беше за 5,9 проценти повисока на 88,79 долари.
Денешното зголемување на цените се должи на обновените тензии во Ормускиот Теснец, откако американските маринци во неделата пресретнаа и запленија товарен брод под иранско знаме, кој се обидуваше да ја пробие блокадата на САД.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави на социјалните мрежи дека бродот е под санкции од Министерството за финансии на САД поради неговата мината историја на нелегални активности и дека маринците проверуваат што има на бродот.
Тој објави дека американска делегација денеска ќе пристигне во Пакистан за понатамошни разговори, иако Техеран не потврди дека ќе учествува.
„Нудиме многу фер и разумен договор и се надевам дека ќе го прифатат, бидејќи ако не го сторат тоа, САД ќе ги уништат сите електрани, сите мостови во Иран“,
напиша Трамп.
Во петокот, цените на нафтата паднаа за девет отсто откако Иран изјави дека Ормускиот Теснец ќе биде целосно отворен за комерцијални бродови до крајот на договореното примирје.
Пазарите на енергија доживеаја големи осцилации откако САД и Израел го нападнаа Иран на 28 февруари, а Техеран одговори со закани дека ќе ги таргетира бродовите во теснецот, низ кој минуваат околу 20 отсто од светската нафта и течен природен гас.
Цената на суровата нафта „брент“, на почетокот на војната со Иран, се тргуваше по околу 70 долари за барел, а на 9 март достигна речиси 120 долари.
