За другите шест обвинети, ексгенералниот секретар рече дека не може да ја објасни поврзаноста со нив и не му е јасно зошто тие се на обвинителна клупа. Сите, исто како и Рашковски, се изјаснија дека не чувствуваат апсолутно никаква вина, како и дека не им е јасно зошто ги обвинуваат
Семантички го разбирам обвинението, но како правен акт не го разбирам. Вина апсолутно не чувствувам.
Ова беше првиот коментар на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, за обвинението со кое тој се гони за злоупотреба на службената положба и овластување и за перење пари во случајот „Софтвери“, кој се однесува на набавки поврзани со софтверот за сообраќајни прекршоци и за биометриска идентификација.
Неговото изјаснување за вина следуваше откако обвинителката Вилма Русковска ги даде воведните зборови во кои уверуваше дека ќе успее да ја докаже вината на обвинетите.
Рашковски, како и неговиот адвокат потоа, даде и воведни зборови. На почетокот, ексгенералниот секретар алудираше дека има мешање на надлежностите на властите, велејќи дека Собранието е тоа кое ја усвојува завршната сметка на Генералниот секретаријат на Владата и оттаму не нашле ништо нелегално.
„Тоа ја усвоило сметката каде што ги има и овие набавки“,
рече Рашковски.
Тој тврди и дека во предметот Обвинителството крие и доказ дека од генералниот секретаријат на Владата има одговор дека двата системи, за сообраќајни прекршоци и за биометриска идентификација, биле ставени во функција во дадениот рок.
Рашковски во воведните зборови излезе и со предлог да се направи реконструкција на целиот случај односно да се излезе на терен и да се провери дали навистина не функционираат системите како што тврди Обвинителството.
„Нема да ви продаваме документација, туку во делот за изведување докази велиме дајте ќе направиме реконструкција, тоа е дали софтверот работи, дали е функционално или не. Не бараме да верувате на документација во која пишува ова функционира туку ќе бараме да излезете на самото место и да видите“,
рече Рашковски.
Тој повторно го оспоруваше форензичкото вештачење направено од МВР, најави интересно судење, а побара од судот и проектор или телевизор, како и табла за пишување кои ќе ги користат кога ќе ги презентираат доказите, а исто така рече дека сака и студенти да присуствуваат на рочиштата бидејќи тоа ќе го барале самите тие со оглед дека тој тоа го предава на факултет.
За другите шест обвинети рече дека не може да ја објасни поврзаноста со нив и не му е јасно зошто тие се на обвинителна клупа.
Сите, исто како и Рашковски, се изјаснија дека не чувствуваат апсолутно никаква вина, како и дека не им е јасно зошто ги обвинуваат.
Даниел Станчев, сопственик на „Инвока груп“, преку која одела набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци, рече дека не се чувствува виновен. Договорот, рече тој, е исполнет односно набавката е испорачана, а тие го добиле тендерот како најевтин понудувач.
Тој кажа оти одбил да соработува со обвинителството кое му понудило да сведочи против Рашковски.
„Зошто две недели по моето приведување во Шутка ми е дадена понуда да сведочам против Рашковски и да биде сменет мојот статус во сведок? Во досегашната постапка јасно се гледа дека од второосомничен веќе сум четвртоосомничен според Обвинителството“,
рече Станчев тврдејќи дека е невин во процесот.
Меѓу обвинетите се и двајца хонорарци за кои обвинителството тврди дека зеле пари, а ништо не работеле, како и дека дел од хонорарот му враќале на Рашковски.
Наспроти Обвинителството, тие тврдеа дека имаат докази и извештаи дека си ја работеле работата за која биле ангажирани, меѓу кои една била ангажирана за апликацијата „Купувам домашно“. Исто така, негираа дека враќале дел од парите, па адвокатот на обвинетата Маја Силјановска посочи дека ќе докажат оти таа ги вадела парите за да ги чува во друга валута.