Со обвинението за нелегални набавки на софтвери и перење пари, покрај Рашковски, се опфатени уште шест лица
Еск-генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски наскоро треба да седне на обвинителна клупа, откако Кривичниот суд го одобри во целост обвинителниот акт против седум лица поврзан со нелегална набавка на софтвер и перење пари, поднесен од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција на 08.10.2021 година.
„Имено, обвинителниот акт со КО бр. 35/21 против Д.Р. обвинет за кривичните дела Злоупотреба на службена положба и овластување и Перење пари и други приноси од казниво дело и против И.Д., И.Х., Д.С., И.И., И.И. и М.С. обвинети за Злоупотреба на службена положба и овластување од КЗ, кој по жалба на одбраната на решение за определување привремени мерки за обезбедување имот на 18.10.2021 година беше испратен на надлежно одлучување во Апелациониот суд – Скопје, по враќање на предметот кај Советот за оценка на обвинител акт, донесено е решение со кое обвинението се одобрува во целост. По вака одобреното обвинение, оформен е кривично – правен предмет со КОК бр. 164/21 за кој откако, согласно АКМИС – системот, ќе биде распределен на понатамошно постапување кај судија и ќе биде насрочена главна расправа, странките и јавноста ќе бидат благовремено известени“,
се вели во соопштението од Основен кривичен суд Скопје.
Случајот за Рашковски го отвори „360 степени“ откако во март годинава објавивме дека Генералниот секретаријат на Владата додека со него раководеше Рашковски купил софтвер за сообраќајни прекршоци вреден 81 000 евра, иако ни една институција ниту го барала ниту го користи, како и дека пред да го купи како генерален секретар на Владата, тој лично развил таков софтвер за сообраќајни казни и го патентирал.
Рашковски тврдеше дека софтверот треба да биде дел од т.н. „Сејф сити“, но единствената институција со право да казнува, Министерството за внатрешни работи, брзо ја урна тезата на Рашковски со ставот дека ниту барале ниту планираат да го користат софтверот за кој никој не ги прашал.
Во случајот за кој е поднесен обвинителниот акт се споени два предмети поврзани со спорните набавки на два софтвери – едниот за автоматско казнување за сообраќајни прекршоци и еден за биометриска идентификација. Рашковски е првообвинет и му се става на товар дека во периодот од јуни 2017 до февруари 2021 како генерален секретар извршил продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и кривично дело перење пари. Второ и третообвинетиот, како негови надворешни соработници, според Обвинителството, со умисла му помагале во повеќекратното извршување на кривичното дело злоупотребата на службената положба, четвртообвинетиот – сопственик и управител на фирма, пак, му помагал во една јавна набавка. Исто како и четвртообвинетиот, и другите обвинети се гонат за по едно кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувања.
Обвинението опфаќа четири набавки, и тоа на: систем за биометриска идентификација; софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни; ANPR-камери за препознавање регистарски таблички за возила; и на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблички.