Новинарот Назим Рашиди во дебата на „360 Степени“ зборуваше за можностите за постизборни коалиции и дали во случај на победа на изборите, ВМРО-ДПМНЕ би имале можност да најдат партнер во албанскиот блок за формирање влада.

„Реално мислам дека ќе има посуштинска дискусија за програмите на Владата. Зoшто го велам ова, можеби македонската јавност не ја следи многу реакцијата на албанските гласачи во Македонија или притисокот кон политичките партии, а притисокот е дека албанските политики субјекти не смеат да влезат во Влада без јасна рамка на тоа што ќе понудат. Ако се гледа реториката на ДУИ во последно време, на нивните претставници, тие постојано велат ја реализиравме програмата, како и ветувањата бидејќи сите велат дојдено е време и тоа што ќе го ветувате, треба да го реализирате. Ова треба да се одрази на програмата на новата Влада, на таа што ќе биде. Сега имаме ситуација каде партиите може да понудат што сакаат пред јавноста, но кога ќе ја формираат Владата прашањата може да паднат од нивната понуда, бидејќи ќе биде дел од компромисот. Но, сепак ќе има голем притисок, тоа што ќе се ветува да се реализира“,
вели Рашиди.
Запрашан за тоа што би се случило доколку има слична ситуација како во 2016 со мала победа на ВМРО-ДПМНЕ и можност за формирање влада со ДУИ, Рашиди вели дека во овој момент е тешко да се процени.
„Сепак, првите сигнали кои доаѓаат од партиите велат дека ќе го почитуваат принципот „победник со победник“, заради голем број политички причини. И ова не е проблематично бидејќи и Уставот и процесот во себе ќе дозволи таков процес. Ќе има процес на преговори, тоа што го кажав претходно. И тука ќе зависи прашањето како ќе се оди понатаму. Не мислам дека за повеќе партии во Македонија, ВМРО е партија со која не би коалицирале, бидејќи имало моменти на меѓусебни преговори, а и ќе има повлекување на ВМРО за одредени прашања, но Законот за јазиците ќе биде главна тема, првин за внатрешните прашања. Околу Законот за јазиците, ниедна партија на Албанците нема да прави компромис, ова е несомнено. А, потоа ќе дојде прашањето на интеграциите кое во себе изгледа затворено, бидејќи ако Македонија стане членка на НАТО, сите знаат дека членството на Македонија во ЕУ е подолг процес. За да помине првиот чекор на секои можни преговори, ќе биде Законот за јазиците и голем број барања на Албанците, кои ќе бидат како што се вели, за порамноправна поделба на буџетот, рамноправни инвестиции во албанските населени места. Така што нема да биде толку црно-бел процес, сепак не и невозможен“, вели Рашиди.