Одлуката за формирање Анкетната комисија беше донесена на 20 септември откако по наводите во јавноста за злоупотреба на лекови на Клиниката за онкологија, Јавното обвинителство на почетокот на месецов отвори предистражна постапка
Во Собранието се одржува седница на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувања, која треба да го утврди составот на Анкетната комисија за скандалот во Клиниката за радиотерапија и онкологија.
За претседател на комисијата е предложена Рашела Мизрахи од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, а предлози од оваа пратеничка група се и Александар Велјановски за заменик-претседател, за членови Антонијо Милошоски, Гордана Сиљановска-Давкова, Иванка Василевска, Љупчо Пренџов, Петар Ристески, за заменик-членови Дајанчо Ефтимов, Дафина Стојаноска, Драган Ковачки, Тони Јаревски и Зоран Коцевски.
Од пратеничката група на СДСМ и коалицијата, за членови на комисијата се предложени Даниела Марковска, Ненад Коциќ, Мартин Костовски и Марија Георгиевска, додека за заменици членови – Миле Талевски, Маја Морачанин, Бети Рабаџиевска Наумовска и Соња Мираковска.
Предлог на пратеничката група на ДУИ за членови на комисијата се Арбен Зибери и Бедри Фазли, а за заменици членови – Бајрам Кадрија и Берат Ајдари.
Алијанса за Албанците ги предложи Ремзи Мехмеди за член и Артина Ќазими за заменик член.
Одлуката за основање на Анкетната комисија беше донесена на 20 септември откако по наводите во јавноста за злоупотреба на лекови на Клиниката за онкологија, Јавното обвинителство на почетокот на месецов отвори предистражна постапка.
Од ЈО на 26 месецов соопштија дека косовските обвинители се подготвени за соработка за случајот. Тимот на обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје, како што информираа, продолжува да ги презема сите дејствија за целосно испитување на настанот.
„Секојдневно се вршат распити на пациенти и нивни блиски, на стручни медицински и на други лица кои би можеле да имаат определени сознанија. Министерството за здравство до Јавното обвинителство го достави извештајот од Државниот здравствен и санитарен инспекторат, што се однесува на работата на Клиниката за онкологија. Исто така, по наредба на јавните обвинители, во тек е финансиска истрага, како и детално вештачење на економско-финансиското работење на Клиниката, кое го врши тим од вешти лица, ревизори од Државниот завод за ревизија и претставници на Фондот за здравствено осигурување“,
информираше Јавното обвинителство.