Министерството за внатрешни работи утрово информира за нападот. Оттаму велат дека затвореникот од КПУ „Идризово“ ноќеска пред полноќ, додека го носеле во болница, пукал во затворски полицаец, го ранил и побегнал со друго возило
Полицаецот имал прострелна рана во ногата, но според неофицијалните информациите што ги пренесуваат дел од медиумите, тој имал повреда и на мочниот меур и е хоспитализиран на Клиниката за анестезиологија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ)
Припадник на затворската полиција од Казнено-поправната установа „Идризово“ е ранет во инцидент што се случил синоќа пред полноќ, кога, според информациите на Министерството за внатрешни работи, затвореник што бил превезуван со затворско комбе за укажување лекарска помош во болница пукал во него.

Од Министерството за правда, под чија надлежност е затворската полиција, го потврдуваат оружениот инцидент, а подетални информации за случајот оттаму најавуваат наскоро.
Министерството за внатрешни работи утрово информира за нападот. Оттаму велат дека затвореникот од КПУ „Идризово“ ноќеска пред полноќ, додека го носеле во болница, пукал во затворски полицаец, го ранил и побегнал со друго возило.
Според МВР, синоќа во 23:20 часот четворица вработени во затворската полиција кои биле со комбе „форд транзит“ побарале помош од полициски службеници од СВР Скопје.
„Според нивната пријава, додека вршеле спровод на осуденик Б.М. од КПУ ‘Идризово’ кон Ургентниот центар ‘Мајка Тереза’, на автопатот осуденикот му го одзел пиштолот на возачот И.Х. од затворската полиција, пукал и го ранил. Потоа осуденикот побегнал со патничко возило ‘ауди’. Повредениот затворски полицаец е пренесен во Ургентен центар за укажување лекарска помош“,
се наведува во соопштението.
Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот за кој сè уште нема информација од Управата за извршување санкции.
Претходно, дел од медиумите, повикувајќи се неофицијални информации, пишуваа дека затвореникот што издржувал казна во „Идризово“ како итен случај бил транспортиран во болница. Откако бил прегледан, на враќање кон затворот, комбето било пресретнато од возило марка „ауди“, во кое имало вооружени лица, кои го извадиле затвореникот и побегнале.
Според неофицијалните информации, полицаецот имал прострелна рана во ногата, но, како што пренесуваат дел од медиумите, тој имал повреда и на мочниот меур и е хоспитализиран на Клиниката за анестезиологија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ).
Како што неофицијално се дознава, затвореникот што побегнал со напаѓачите е со иницијали М.Б. од Тетово, кој во „Идризово“ издржувал затворска казна од 20 години.