„Она што го направи Али Ахмети за унапредување на правата на Албанците во соседната земја и за нивната афирмација како рамноправни граѓани на Република Северна Македонија е историска лекција за сите нас и за генерациите што доаѓаат и за секој што се интересира за уметноста на политиката!“, напиша премиерот на Албанија на социјалните мрежи
Во пресрет на собраниската седница на која треба да биде избрана техничката влада со која ќе раководи Талат Џафери, свој коментар за настанот во исчекување, преку социјалните мрежи, даде премиерот на Албанија, Еди Рама.

Рама во објавата на социјалната платформа „Икс“, посебно се осврнува на улогата на лидерот на ДУИ, за кого вели дека направил многу за унапредување на правата на Албанците во земјава и дека тоа е историска лекција за сите генерации и за секој што се интересира за уметноста на политиката.
„Али Ахмети може целосно да биде критикуван внатре во државата, бидејќи право и должност на секој што е во опозиција е да бара повеќе од кој и да е на власт… Но она што го направи Али Ахмети за унапредување на правата на Албанците во соседната земја и за нивната афирмација како рамноправни граѓани на Република Северна Македонија е историска лекција за сите нас и за генерациите што доаѓаат и за секој што се интересира за уметноста на политиката!“,
вели Рама.
Својот коментар тој го дополнува и со фотографија на која цврсто се ракуваат лидерот на ДУИ и мандатарот на техничката влада Талат Џафери, пишувајќи дека еден голем политичар рекол дека „момчињата сакаат моќта да ја препознаат другите, а мажите да прават за другите“.
„И гледајќи ја приложената фотографија од уште едно историско достигнување на раководството на Али Ахмети, се сетив на мудрите зборови на еден голем политичар: „Момчињата сакаат моќта да ја препознаат другите, а мажите да прават за другите!“. Тоа би биле совршени зборови за оваа фотогрфија“,
напиша Рама.
Ali Ahmetit mund t’i bëhen kritika plot brenda vendit, sepse është e drejta dhe detyra e kujtdo që është në opozitë të kërkojë më shumë nga kushdo që është në pushtet… Por çka ka bërë Ali Ahmeti me pushtetin për përparimin e të drejtave të shqiptarëve në shtetin fqinj, e për… pic.twitter.com/GR5vjn6lx5
— Edi Rama (@ediramaal) January 27, 2024
Во меѓувреме медиуми во Албанија, како што наведува МИА, без исклучок пренесуваат информации околу изборот на новата техничка влада, со посебен акцент на изборот на Џафери, за прв премиер – Албанец, потсетувајќи дека тој е еден од командантите на ОНА.
Мандатарот Талат Џафери денеска до Собранието поднесе целосно пополнет предлог-состав на преодната влада, а за утре во 11 часот е закажан почетокот на седницата на која таа треба да биде избрана.
По овој повод лидерот на ДУИ, Али Ахмети денеска преку видеообраќање порача оти утре е историски ден бидејќи се гласа за прв премиер – Албанец.

„Утре, недела, 28 јануари 2024 година, го избираме првиот премиер Албанец во Република Северна Македонија. Овој ден е историски како за Албанците, така и за Македонците и за сите други бидејќи стануваме рамноправна држава и општество и ги надминуваме сите предрасуди. Заедно, ја преземаме одговорноста да ја водиме државата, не еден по друг, туку рамо до рамо еден до друг, заедно, за европска Македонија“,
рече Ахмети.
Од друга страна, пак, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, повтори дека неговите пратениците нема да гласаат за техничката влада, иако партијата достави свои предлози за технички министри. Тој нема никакви очекувања ниту од техничкиот премиер Талат Џафери.
„Тоа е човекот којшто од почеток до крај, како претседавач во македонскиот парламент, направил многу противуставни и противзаконски потези. Очекувам продолжување на лошите политики. Иако можеби некогаш сме биле едногласни дека од ова полошо нема, мислам дека тоа е песимистички став, треба да сме оптимисти, сепак очекувам дека во овие сто дена ќе биде полошо“,
изјави Мицкоски денеска.
Вчера Собранието ја констатира оставката на досегашниот спикер Талат Џафери, по што претседателот на државата Стево Пендаровски му го врачи мандатот за состав на идната влада. За нов претседател на Собранието беше избран Јован Митрески од СДСМ.
Преодната влада се избира на 100 дена пред изборите кои се закажани за 8 мај, а ќе функционира до изборот на новата влада.