Мандатарот Талат Џафери денеска до Собранието поднел целосно пополнет предлог-состав на преодната влада, вклучувајќи ги и кандидатите за министри од ВМРО-ДПМНЕ
Утре во 11 часот ќе започне собраниската седница со единствена точка на дневен ред – избор на Влада на Република Северна Македонија.
Мандатарот Талат Џафери денеска до Собранието поднел целосно пополнет предлог-состав на преодната влада, вклучувајќи ги и кандидатите за министри од ВМРО-ДПМНЕ.
Поднесена е и програма за работа на преодната влада, а материјалите им се доставени на сите пратеници.
Во програмата објавена на веб-страницата на Собранието, меѓу другото, пишува дека врвен приоритет на Владата е подготовка и организирање на слободни, фер и демократски редовни претседателски и парламентарни избори на 24 април и 8 мај.
Денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, повтори дека неговите пратениците нема да гласаат за техничката влада, иако партијата достави свои предлози за технички министри. Тој нема никакви очекувања ниту од техничкиот премиер Талат Џафери.
„Тоа е човекот којшто од почеток до крај, како претседавач во македонскиот парламент, направил многу противуставни и противзаконски потези. Очекувам продолжување на лошите политики. Иако можеби некогаш сме биле едногласни дека од ова полошо нема, мислам дека тоа е песимистички став, треба да сме оптимисти, сепак очекувам дека во овие сто дена ќе биде полошо“,
изјави Мицкоски денеска.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пак, со видеообраќање порача оти утре е историски ден бидејќи се гласа за прв премиер – Албанец.
„Утре, недела, 28 јануари 2024 година, го избираме првиот премиер Албанец во Република Северна Македонија. Овој ден е историски како за Албанците, така и за Македонците и за сите други бидејќи стануваме рамноправна држава и општество и ги надминуваме сите предрасуди. Заедно, ја преземаме одговорноста да ја водиме државата, не еден по друг, туку рамо до рамо еден до друг, заедно, за европска Македонија“,
рече Ахмети.
Вчера Собранието ја констатира оставката на досегашниот спикер Талат Џафери, по што претседателот на државата Стево Пендаровски му го врачи мандатот за состав на идната влада. За нов претседател на Собранието беше избран Јован Митрески од СДСМ.
Преодната влада се избира на 100 дена пред изборите кои се закажани за 8 мај, а ќе функционира до изборот на новата влада.