Засега е нејасно дали и за кое кривично дело, според законодавството на Србија, би можел да биде обвинет поранешниот потпретседател на Српска листа, Милан Радоичиќ, кој призна дека го организирал и учествувал во нападот во селото Бањска
Поранешниот потпретседател на Српска листа, Милан Радоичиќ, кој ја презеде одговорноста за нападот на косовската полиција, денеска одговори на поканата на институциите на Србија и во својство на граѓанин даде изјава за околностите на нападот во селото Бањска минатиот викенд.
Ова денеска го соопштија од Министерството за внатрешни работи на Србија, посочувајќи дека за исказот кој Радоичиќ го дал во присуство на својот адвокат, преку писмен извештај ќе биде известено Вишото јавно обвнителство Белград, кое ќе преземе натамошни мерки.
Засега е нејасно дали и за кое кривично дело би можел да биде обвинет според законодавството на Србија.
Откако официјална Приштина го обвини за учество и организација на нападот на косовската полиција, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека Радоичиќ е во Србија и дека ќе биде сослушан.
Радоичиќ, кој во меѓувреме поднесе оставка од функцијата потпретседател на Српска листа, најголемата српска партија во Косово која ја ужива поддршката од Белград, преку својот адвокат призна дека го организирал и учествувал во нападот во селото Бањска.