Љупчо Тодоровски, кој е познат по прекарот Радникот, е уште еден сведок што денеска сведочеше во случајот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковско Езеро кога тој бил директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) во МВР.
„Изненадувачки, Вие немате ниту еден разговор, но има разговори во кои споменувате дека некое лице сакало да ви даде информации дека нешто може да се случи. Дали сте добиле такви информации?“,
праша обвинителката Фатиме Фетаи.
Откако тој одговори дека немал, Фетаи рече дека во„бомбите“ се споменува лицето Зоран Трајковски викан Филмот, кој наводно сакал да му даде оперативни информации на Радникот.
„Го знам. Бев изненаден кога слушнав дека на некого по телефон му кажал нешто. Со еден збор, немав контакт со него, посебно пред да се случи настанот“,
рече сведокот.
Родителите на жртвите, исто така, поставија прашања во таа насока. Рекоа дека кога им земале изјави, инспекторите им велеле: „Знаевме дека ќе направат нешто, но не се надевавме дека ќе биде вакво нешто.“
„Ние во БЈБ не сме имале такво сознание, затоа што кога ќе добиете таква информација, тоа е сериозно нешто и сигурно ќе сме презеле нешто“,
одговори Радникот.
Радникот наспроти Хаки Азири: Неша шанса да малтретирам некого

Радникот, денеска во судницата се соочи со обвинетите меѓу кои е и Хаки Азири кој тврди дека, по препорака на сведокот, бил малтретиран и присилен да ги посочи имињата на обвинетите, и писмено и во исказ пред истражен судија.
Како тогашен директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) во МВР, Радникот, пак, тврди дека нема шанса да малтретирал или да бара да се малтретира некого и да го присили да каже нешто.
„Не е точно, нема шанса да малтретирам некого, кога мојата позиција не била да контактирам со странките“,
рече тогашниот директор на БЈБ кој побара ако има такво писмо со упатство да му се покаже за да се утврди дека не е негов ракописот.
Азири пак, по судењето пред новинарите остана на ставот дека бил принуден да ги даде писмениот и исказот пред истражниот судија, а тогаш лажел дека доброволно го дава бидејќи во судот имало полиција и се плашел. Исто така, тој и денеска пред новинарите тврдеше дека му било нудено да добие нов идентитет по сведочењето.
Инаку, пред околу осум години, осомничениот Азири пред истражен судија раскажал дека по убиството имал улога да ги пречека обвинетите браќа Агим и Африм Исмаиловиќ. Рече дека ги чекал на обиколницата кај Качанички пат.
„Чекав и околу 20 часот опел омегата дојде и застана позади моето возило. Не видов кој излезе од возилото, но тогаш Агим и Африм Исмаиловиќ дојдоа во моето возило, немаа оружје, беа во тренерки и црни капи и ракавици“,
изјавил тогаш Азири пред истражниот судија.
Според тогашниот исказ, тој ги прашал што се случило, а тие му одговориле: ,,Направивме гомнарија, убивме човек“. Подоцна, раскажал пред истражен судија, тој видел на Интернет дека имало петкратно убиство, а два дена покасно на порталите го видел возилото „опел омега“. Кога тој бил повикан во полиција и му ги покажале доказите, на Азири му станало јасно дека тоа кога ги чекал браќата Исмаиловиќ на Качанички пат е всушност дел од петкратното убиство.
И Јанкулоска тврди дека претходно немала информации дека нешто може да се случи
Претходно на денешното рочиште сведочеше и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

И таа добиваше прашања дали знаела дека нешто ќе се случи.
„Дали знаете дека 3-4 дена пред да се случи масакрот во црквата во Стајковци има напишано со црвена боја ‘Ќе би биде крвав Велигденот’. Дали знаете дека и црквата е осквернавена?“,
ја праша еден од родителите.
Јанкулоска, пак, рече дека не ѝ е познато тоа. И претходно таа доби слични прашања за оперативни сознанија дека нешто ќе се случи, но исто така одговори дека до неа не стигнале информации дека може да се случи некаков трагичен настан.
Во нејзиното сведочење таа одговараше и на прашања поврзани со телефонските разговори кои се дел од „бомбите“. Така, на барање на обвинетите во судница се прочита и дел од транскрипт од разговор со Миле Јанакиески, кој претходно беше пуштен во судница и во кој тие зборуваат за возилото „опел омега“ кое, според обвинението, било користено токму од обвинетите. Тие разговараат за тоа како трагите укажуваат дека возилото било на местото на убиството, а Јанакиески кажува дека му дошла идеја дека можеби автомобилот бил претходно во Агенцијата за одземен умот. Јанкулоска, пак, кажува дека имаат јасни сознанија дека возилото било во Македонија и дека имало сопственик пред да биде украдено, кој во моментот на трагичниот настан не ни бил во земјава.
Обвинителката Фатиме Фетаи се вмеша и рече дека можеби треба да се прашаат избеганите Африм Исмаиловиќ и Алил Демири од каде им е возило.
Обвинетите се интересираа и како Јанкулоска знаела какви ќе бидат резултатите пред да биде готов официјалниот извештај од вештачењето, на што таа посочи дека стигнувале разни информации. Како и во сите случаи, имало првични резултати и сознанија кои потоа или се потврдиле или се отфрлиле, а во конкретниот случај се потврдило дека трагите од возилото се од местото на настанот.
Сите информации, рече ексминистерката, се проверувале дали се релевантни или не.
Во текот на испрашувањето на Јанкулоска од страна на обвинетите, обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски реагираа и дека се малтретира сведокот, а адвокатите им возвратија дека обвинителката е таа која навредува и не почитува пресумпција на невиност.
„Каква пресумпција на невиност? Јас сум обвинител, јас ги гонам дека го сториле тоа, има обвинение против нив зад кое стојам јас“,
рече Фетаи во расправијата.
Во тензичната атмосфера се вмешаа и родителите, па судечкиот совет реагираше дека ќе почне да казнува.
„Казнете нè слободно, ние и онака сме казнети со нашите деца“,
рекоа родителите на жртвите.

Денеска требаше да сведочи и Синиша Алексовски, тој се појави во судница, но судот го помести неговто сведочење за 27 февруари.
Веќе во петок, пак, на 21 април, како сведоци треба да се појават Али Ахмети, Бујар Османи и Џелал Бајрами.