Претседателот на Бугарија ги повикува политичките лидери од земјава да се охрабрат и да преземат активни чекори кон вистинска демократизација и да докажат дека антибугарската идеологија му припаѓа на минатото и не ја осакатува македонската европска иднина
Претседателот на Бугарија, Румен Радев, во интервју за грчкиот весник „Катимерини“ укажува дека без внесување на Бугарите во Уставот на С Македонија, земјата не ќе може да го отвори процесот за интеграција во ЕУ.
„Бугарија и С Македонија го прифатија предлогот на француското претседателство со Советот на Европската Унија, кој предвидува одредена преговарачка рамка за нашиот сосед. За целосно започнување на пристапните преговори, С Македонија мора да ги заврши договорените уставни измени и да ги запише Бугарите од Северна Македонија за тие да бидат рамноправни со другите државотворни народи наведени во нејзиниот Устав. Без овој чекор, преговорите навистина не можат да започнат. Сите ние очекуваме од земјата кандидат, која ја декларира својата желба да биде дел од Унијата и нејзините вредности, да се заложи за гарантирање и заштита на основните човекови права. Ова е, само по себе, суштински дел од Копенхашките критериуми“,
истакнува шефот на бугарската држава во интервјуто.
Радев вели дека Бугарија отсекогаш ја поддржувала С Македонија, но според него, за почеток на преговорите за влез во ЕУ, потребна е одредена европска зрелост, исполнување на низа критериуми, меѓу кои е задолжително почитувањето на човековите права.
„Последните месеци сме сведоци на неуспех на амбициите на С Македонија за евроинтеграции со голем број злосторства од омраза врз локалните Бугари. Палењата и пукотниците врз бугарските културни клубови и насилството врз Бугарите во земјата упатуваат на ситуација која е поблиска до мрачното минато на Балканот отколку до нивната европска иднина. За нас тоа е неприфатливо“,
вели тој.
Радев во интервјуто за „Катимерини“ ги повикува политичките лидери од С Македонија да се охрабрат и да преземат активни чекори кон вистинска демократизација и да докажат дека антибугарската идеологија му припаѓа на минатото и не ја осакатува нејзината европска иднина.
„Во Европската Унија не треба да се гради својот идентитет врз историски фалсификати, да се искривува реалноста за да се оправдаат злосторствата од омраза или да се негира правото на самоидентификација. Навистина верувам дека надраснувањето на наследството од тоталитарното минато е суштински предуслов за европската иднина на Северна Македонија“,
подвлекува претседателот на Бугарија во интервјуто.
Овие пораки шефот на бугарската држава ги упати за време на својата посета на Атина. Таму денеска имаше средба со грчкиот премиер Мицотакис. Со него потпишаа два договора, едниот за рестарт на идејата за изградба на нафтоводот „Бургас-Александрополис“, а другиот за гарантирано снабдување и складиштење со гас. На заедничката прес-конференција, обајцата заклучија дека Грција и Бугарија се етаблирале како стратегиска оска, која ја менува енергетската карта во Југоисточна и Централна Европа.