По изборите во јули, прво „Има таков народ“ на Слави Трифонов, а пред два дена и ГЕРБ го вратија мандатот, кој сега најверјатно ќе го добие БСП
Бугарскиот претседател Румен Радев денеска изјави дека до петок мора да го врачи мандатот за формирање влада по трет пат.
„Можам и да го забавам и ќе го направам тоа, но до петок“,
изјави Радев за медиумите при денешната посета на Болјарево и Тополовград, јави БГНЕС.
Бугарскиот претседател одби да каже на која партија ќе и го предаде мандатот, коменирајќи дека „сите опции се отворени“.
„Со оваа структура во парламентот, ако сме успешни, зборот компромис мора да биде присутен, но не е присутен“,
рече Радев и повторно ги повика пратениците да размислат за донесување на ребалансот на буџетот.
Според него, можни се двојни избори есенва, но не е јасно дали тоа е технички остварливо.
Радев пред два дена му го врачи мандатот за состав на бугарска влада на Даниел Митов од ГЕРБ, партијата која е втора по големина според претставниците во националното собрание, но како што беше и претходно најавено, Митов веднаш му го врати мандатот.
Во Бугарија сега има техничка влада што ја формираше Радев по изборите во април годинава, кога ниту една партија не успеа да формира влада.
Потоа беа закажани уште едни, вонредни, парламентарни избори, на 11 јули, но партиите што освоија пратеници сè уште не можат да формираат влада.
Првиот мандат за состав на влада по изборите во јули беше доделен на победникот на минатомесечните избори „Има таков народ“ (ИТН) на Слави Трифонов, но тие соопштија дека нема да формираат влада.
Третиот мандат можно е да биде доделен на Бугарската социјалистичка партија (БСП), чија претседателка Корнелија Нинова претходно најави дека ќе се обидат да формираат влада и по добивањето на мандатот ќе почнат консултации со „Демократска Бугарија“ и „Исправи се Бугаријо! Доаѓаме“, бидејќи со трите партии имаат заеднички основа на која може да ги дефинираат приоритетите и политиките на новата власт. Но, таа вели и дека БСП не се откажала од идејата техничкиот владин кабинет да стане редовна влада.