Изјавата на бугарскиот претседател дадена за БГНЕС доаѓа во период на заострена реторика меѓу државните раководства на двете земји. Вчера, премиерот Димитар Ковачевски на Самитот на Европа во Рејкјавик, одговарајќи на обвинувањата на бугарската потпретседателка Илијана Јотова дека во земјава има систематско газење на правата на Бугарите, рече дека „дискурсот што се користи од страна на Бугарија кон Северна Македонија, за жал, е многу сличен на дискурсот што Руската Федерација го користи кон Украина“
Раководството на РС Македонија треба да ја убеди не Бугарија, туку сопствените граѓани дека гради демократскa држава во која не се пука во бугарските клубови, тие не се палат, а Бугарите во оваа земја не се подложени на систематска репресија, физичко насилство и диригирани судски процеси, вели во изјава за БГНЕС бугарскиот претседател Румен Радев.

„Раководството на РСМ може да претендира дека гради модерно мултиетничко општество кога ќе смогне сили да ги запише сонародниците на Гоце Делчев во својот Устав“,
вели бугарскиот претседател.
Тој истакнува дека составен дел од преговарачката рамка на С Македонија со ЕУ е и протоколот потпишан меѓу Скопје и Софија, во рамките на кој тој не гледа напредок.
„Таму нема напредок. Затоа разговарам со европските лидери и институции дека треба да има движење според овој протокол, бидејќи таму се учебниците, таму е говорот на омраза, таму се медиумите, таму е отворањето на архивите и извинувањето за етничката репресија на Бугарите низ годините. Има и други важни работи, како што е зачувувањето на нашето културно наследство“,
вели Радев.
Бугарскиот претседател подвлекува дека вклучувањето на Бугарите во Уставот на земјава е задолжителен услов за почеток на преговорите за членство во ЕУ, а овој услов е вклучен и во преговарачката рамка на т.н. француски предлог.
Според бугарскиот претседател, сеењето омраза кон Бугарите е процес кој трае со децении.
„Ова е цела доктрина заснована на антибугарска идеологија и јасно, потребно e време додека РСМ не застане меѓу демократските земји и ние треба да помагаме во овој процес“,
вели тој.
Реториката меѓу официјална Софија и официјално Скопје деновиве добива на интензитет.
Вчера, премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање на генералната дебата „Обединети за Европа“ на Самитот на Советот на Европа во Рејкјавик, Исланд заклучи дека „дискурсот што се користи од страна на Бугарија кон Северна Македонија, за жал, е многу сличен на дискурсот што Руската Федерација го користи кон Украина“.
Ова беше одговорот на шефот на македонската Влада на обвинувањата кон земјава кои на Самитот ги изнел претставникот на Бугарија, кои Ковачевски ги оцени како целосно неосновани и рече дека доаѓаат од земја која не ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Бугарија на Самитот во Рејкјавик ја претставуваше потпретседателката на земјата, Илијана Јотова. Таа, како што пренесоа бугарските медиуми, претходно на тркалезната маса во рамките на Самитот, ги запознала учесниците со „систематското газење на правата на Бугарите во Република Северна Македонија“.
За билатералниот спор со Бугарија, како пречка во интеграциите на Северна Македонија кон ЕУ, вчера говореше и претседателот на државата, Стево Пендаровски, на лидерскиот состанок „Руската агресија врз Украина: Нов моментум за проширувањето на EУ?“ организиран од Белградскиот центар за безбедносна политика.
Тој изјави дека пред две и пол години Бугарија почнала да изнесува барања кои немаат никаква допирна точка со ЕУ-критериумите.
„Започнаа да зборуваат за македонскиот етнички идентитет, дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, дека во периодот од 1941 до 1944 тие биле администратори, а не окупатори и сето тоа беше во писмена форма дисеминирано до сите амбасадори. Таков тип на историски ревизионизам е апсолутно недозволив во секоја сериозна дискусија“,
рече претседателот Пендаровски додавајќи дека таков дијалог не прилега од страна на земја членка на ЕУ.
Новиот бран на ескалација во односите меѓу Скопје и Софија го поттикна случајот со бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, кому на 6 мај не му беше дозволен влез во земјава бидејќи, според објаснувањето на македонските власти, патувал во група со уште четири лица, од кои за дел Министерството за внатрешни работи имало сознанија дека претставуваат ризик за јавниот ред и безбедност.