Бугарскиот претседател денес имал средба со првите луѓе на БАН кои излегле со предлог „имајќи ја предвид јазичната блискост меѓу граѓаните на Бугарија и на Северна Македонија, билатералната културна и медиумска размена да не биде предмет на превод на внатрешен јазик“
Поддршката за европска интеграција на Северна Македонија не може да биде на штета на бугарските историја и јазик, изјави денеска претседателот на Бугарија Румен Радев на средба со првите луѓе на Бугарската академија на науките (БАН), Јулијан Ревалски и Васил Николов, пренесува МИА.
Како што соопшти прес-службата на бугарскиот претседател, на средба станало збор за објавената книга на БАН, „За официјалниот јазик на Република Северна Македонија“, при Радев што „го пофалил придонесот на научната заедница во Бугарија во заштитата на бугарскиот јазик и историската вистина“.
Книгата е дело на тим од 12 лингвисти и историчари, како и на консултанти од БАН, софискиот Универзитет „Св. Климент Охридски“, Југозападниот универзитет „Неофит Рилски“ и Универзитетот во Велико Трново „Св. Кирил и Методиј“.
„Книгата го проучува јазикот што се користи кај нашиот југозападен сосед врз чисто научен, а не врз политички план и не се осврнува на прашањето за национално самоопределување на граѓаните на Северна Македонија, бидејќи тоа е длабоко личен чин за секој човек“,
изјавил на средбата потпретседателот на БАН, Васил Николов.
Во соопштението се посочува дека претставниците на БАН нагласиле дека „научните норми категорично го дефинираат службениот јазик во Северна Македонија како пишана регионална норма на бугарскиот јазик“.
Според нив, „тврдењата за вековен континуитет на македонскиот јазик се во спротивност со фактите се јавно познати од политичкиот декрет усвоен во август 1944 година во манастирот „Прохор Пчински“, како и мотивите за создавањето на јазикот“.
„Неприфатливи се и обидите за присвојување и фалсификување на средновековните бугарски споменици или на делата на бугарските преродбеници, како браќата Миладиновци, Кузман Шапкарев, Григор Парличев и друго кои пишувале на бугарски јазик и се идентификувале себе си како Бугари. Имајќи ја предвид јазичната блискост меѓу граѓаните на Бугарија ина Северна Македонија, научниците повикаа билатералната културна и медиумска размена да не биде предмет на превод на внатрешен јазик, а делата на бугарските преродбеници, писатели и свештеници од Македонија да бидат објавени без манипулации и во оригинал во Северна Македонија,“
се додава во соопштението, како што пренесува МИА.