Конститутитивната седница на 46. Народно Собрание на Бугарија ќе се одржи во среда. Изгледите земјата да избегне трети парламентарни избори годинава стануваат пореални, по синоќешниот пресврт предизвикан од ретерирањето на лидерот на победничката партија „Има таков народ“. Опонентите на Борисов велат дека тој прерано почнал да ги трие рацете, додека тој се шегува на нивна сметка констатирајќи дека Трифонов ја формирал првата влада во историјата која си поднела оставка пред да биде избрана
Претседателот на Бугарија Румен Радев кој денеска објави дека ја закажал конститутивната седница на бугарскиот парламент за 21 јули го пофали потегот на победничката партија на изборите, која вчера реши да се откаже од првичната идеја, без консултации со ниту една парламентарна група да предложи кандидат за премиер и министри во идната влада. За него чинот на „Има таков народ“ ја отвара вратата за дијалог и за изнаоѓање решение за проблемите кои го оптоваруваат политичкиот систем.
„Сите очекуваат да продолжи демонтажата на порочниот модел на управување. Ако не го направат тоа, сите ќе останеме гладни. Сега е моментот бугарските политичари да си ја завршат работата, да се обединат, да ги надминат личните интереси и да бидат посветени на интересите на сите наши граѓани“,
потенцира Радев.

Двете партии кои произлегоа од протестите против власта на Бојко Борисов изразија задоволство од одлуката на Слави Трифонов да го повлече својот предлог за премиер и за членови на владиниот кабинет. Раководствата на „Демократска Бугарија“ и на „Исправи се! Мафијата надвор“ оценија дека тоа е разумен потег кој може да придонесе за избор на луѓе кои ќе ја водат државата со поширок политички и општествен консензус.
Европратеникот од редовите на „Демократска Бугарија“, Радомир Кнев, очекува партијата на Трифонов да се однесува одговорно и соодветно на улогата која и ја доверија избирачите.
„Периодот е тежок, составот на парламентот е сложен и би требало да се иницираат преговори (а не пазарења) за политиките (а не порциите) кои ќе ја вратат довербата во институциите. Тие треба да го посочат патот за излез од кризата. Не треба да има илузии дека тие преговори ќе бидат лесни, ниту гаранција дека ќе бидат успешни. Но тоа е патот по кој одат сите демократски општества. Тоа го стори Ирска, тоа го прави Холандија, постојано е тоа така во скандинавските земји каде парламентите се традиционално шарени и има малцински влади кои мора да бараат парламентарна поддршка за секој важен закон. Такви кабинети често пати има и во Шпанија. Во Германија и Австрија преговорите траат со месеци, тешки преговори доведоа до успешна коалиција во Романија. Претпоставка на секој демократски систем е различни општествени групи, со различни интереси и идеи да бидат претставени во парламентот. Сите велиме дека сакаме да бидеме нормална европска држава. Првиот услов е да почнеме така и да се однесуваме“,
вели Кнев.
Копретседателката на „Исправи се! Мафијата надвор“ и поранешна народна правобранителка на Бугарија, Маја Манолова му честита на одлуката на Трифонов а на Борисов му порача да не брза да ги трие рацете.
„Браво за Слави и за „Има таков народ”! Тоа е чекор во вистинската насока. Напорите за одржлива промена на моделот на владеење бараат низ транспарентен процес да се постигне согласност која ќе биде гаранција за неопходните реформи. Тоа се зголемувањето на платите и на пензиите, поддршка за малите и средни фирми кои претрпеа последици од пандемијата, реформа на судството и ревизија на работењето на Борисов. Сигурна сум дека ИТН може да креира таков силен тим кој ќе биде подготвен за решителни реформи. Јавно и транспарентно. Со програма која граѓаните ја очекуваат и со пероснален состав прифатлив за пошироката јавност. Браво, Слави! Ова не беше добар ден за Борисов“,
изјави Манолова.
За разлика од нив, од партијата на Борисов му се потсмеваат на Трифонов. Велат дека неговата влада паднала пред и да биде ставена на гласање.
„Колку сериозно и одговорно беше претставена владата, толку одговорно и сериозно беше и повлечена. Тоа е првата влада во историјата која си поднесе оставка пред да биде избрана“,
велат од ГЕРБ.
Лидерот на победничката партија на изборите во Бугарија, Слави Трифонов, вчера доцна попладне направи изненадувачки чекор кој ја враќа надежта дека сепак е можно формирање на влада по вторите парламентарни избори во земјата за само четири месеци. Претседателот на „Има таков народ“ едноставно ја повлече сопствената одлука поради која сите парламентарни политички партии деновиве изјавија дека немаат намера да преговараат или да коалицираат со него. Го повлече предлогот за премиер и влада, составен без никакви консултации со неговите потенцијални коалициони партнери, кој патем беше објавен само на Фејсбук.
Тој најави дека „Има таков народ“ ќе предложи нов премиер и ревидиран состав на министри а со оглед дека постојано е критикуван дека е нетранспарентен тој за денеска закажа прес-конференција на која дел од политичкото раководство и веќе поранешниот кандидат за премиер, Николај Василев ќе одговорат на новинарски прашања.