Како што јавува дописникот на МИА од Софија, државниот секретар на САД изразил надеж за забрзување на процесот на европска интеграција за Северна Македонија, при што двајцата соговорници истакнале заеднички став дека ова е во интерес за стабилноста и безбедноста не само на регионот, туку и на Европа
Претседателот на Бугарија Румен Радев оствари телефонски разговор со американскиот државен секретар Ентони Бликен, по иницијатива на шефот на дипломатијата на САД, јави дописникот на МИА од Софија.
За време на разговорот, беа дискутирани различни теми, вклучително и стратешкото партнерство меѓу Бугарија и САД, санкциите според Глобалниот акт „Магнитски“ против бугарски поединци и компании, соработката во областа на безбедноста и одбраната, закрепнувањето од пандемијата на коронавирусот, но и евроинтеграциите на Република Северна Македонија и Албанија.
Како што јавува дописникот на МИА од Софија, државниот секретар на САД изразил надеж за забрзување на процесот на европска интеграција за Северна Македонија, при што двајцата соговорници истакнале заеднички став дека ова е во интерес за стабилноста и безбедноста не само на регионот, туку и на Европа. За време на разговорот, Радев потсетил на постојаната поддршка на Бугарија за членство на Република Северна Македонија и повикал на постигнување одржливи и неповратни резултати во градењето добрососедски односи.
Во разговорот, Радев ги оценил санкциите од САД кон поединци и компании во Бугарија како силен знак за поддршка на аспирацијата на бугарските граѓани за воспоставување демократија, правда и транспарентност. Блинкен, пак, рекол дека ова е придонес на САД во борбата против корупцијата, како и во зајакнувањето на демократијата и унапредувањето на потенцијалот на бугарската економија.
За разговорот преку социјалните мрежи се огласи и Блинкен. Тој не сподели многу детали, но споменува дека разговарале и за Западен Балкан.
„Денеска зборував со претседателот на Бугарија, Румен Радев. Бугарија е важен НАТО сојузник и партнер во клучните стратешки прашање, вклучително Иницијативата три мориња и Западен Балкан. Се радувам за нашата соработка во врска со одбранбените прашања, енергетската сигурност и владеењето на правото“,
напиша Блинкен на Твитер.
Spoke with @PresidentOfBg Rumen Radev today. Bulgaria is an important @NATO Ally and a partner on key strategic issues including the @3seaseu Initiative and the Western Balkans. I look forward to our continued cooperation on defense issues, energy security, and the rule of law.
— Secretary Antony Blinken (@SecBlinken) June 11, 2021