Мандатот ќе му биде врачен на кандидатот на Продолжуваме со промените за премиер, академик Николај Денков. Ова се случува речиси четири месеци по изборите одржани на 2 октомври 2022 година. Народните избраници на 14 декември 2022 година не ја одобрија кандидатурата за премиер на Николај Габровски од ГЕРБ-СДС, кој го доби првиот мандат за формирање влада
Бугарскиот претседател Румен Радев денеска ќе ѝ го врачи вториот мандат за состав на влада на втората по големина пратеничка група во 48. Народно собрание на Бугарија – Продолжуваме со промените.
Мандатот ќе му биде врачен на кандидатот на Продолжуваме со промените за премиер, академик Николај Денков. Ова се случува речиси четири месеци по изборите одржани на 2 октомври 2022 година, пишува бугарската новинска агенција БГНЕС.
Николај Денков од 2014 до 2016 година беше заменик-министер за образование во владата на ГЕРБ, а од јануари до мај 2017 година беше министер во истото министерство во владата на Огнен Герџиков. На истата министерска позиција се најде и во првата и втората влада на Стефан Јанев од мај до декември 2021 година.
Народните избраници на 14 декември 2022 година не ја одобрија кандидатурата за премиер на Николај Габровски од ГЕРБ-СДС, кој го доби првиот мандат за формирање влада.
Неговиот предлог за владин кабинет доби поддршка од 113 пратеници во бугарскиот парламент, но „против“ гласаа 125 пратеници.
Поддршка за кандидатурата Габровски за премиер дадоа пратениците на ГЕРБ, ДПС, како и на Бугарски подем, но гласовите на пратениците од овие партии не беа доволни. Според прописите, кога кандидатот за премиер нема да биде одобрен од Народното собрание, не се гласа за следните две одлуки за структурата и составот на кабинетот, потсетува бугарската агенција. Пред гласањето, пратениците три часа дебатираа за предлог-кабинетот.
По неуспехот на ГЕРБ-СДС да формира влада, пратеничката група на Продолжуваме со промените ги повика сите партии на разговори за формирање влада. На првиот состанок одговорија сите партии што имаат своите претставници во 48. Народно собрание, со исклучок на Преродба. ГЕРБ и ДПС, сепак, ја напуштија средбата со Продолжуваме со промените, а БСП, Демократска Бугарија и Бугарски подем останаа на разговорите за формирање влада.
„Среќен сум што толку многу партии одговорија. Целта на средбата е да се разговара за приоритетите за да може да се формира влада која стабилно ќе управува со земјата. Пред неколку дена испративме покана до сите партии во која ги претставивме нашите приоритети за социјалната политика, поддршката на бизнисот, како и нашето прифаќање во Шенген и во Еврозоната. Сите вие ги споделувате овие приоритети. Нашата главна цел е да разговараме за тоа кои приоритети ќе не зближат и секоја страна да додаде свои предлози“,
изјави академик Николај Денков на почетокот на средбата со пратеничките групи.
Лидерката на пратеничката група на ГЕРБ, Десислава Атанасова, на состанокот рече дека оти ѝ се чини дека Денков влегувате во улога на марионета и дека зад неговиот широк академски имиџ стојат номинации (за министри н.з.) што ги објавил на телевизија.
„Сметаме дека луѓето кои за време на нивното осуммесечно владеење докажаа дека не можат да се снајдат во власта, тоа не можат да го направат сега. Бевте министер во нашата влада, потоа избравте да учествувате во други влади, имате свои квалитети. Сепак, ние сме длабоко загрижени што во програма без јасни наоди барате дијалог за да разговарате за идните коалиции. Нашето учество во вакви разговори завршува тука“,
рече Атанасова, по што ја напушти средбата.
Лидерот на ДПС, Мустафа Карадај, побара од Денков прво да се разговара за одредени контроверзии поврзани со името на кандидатот за премиер на Продолжуваме со промените, како неговото назначување за министер спротивно на бугарскиот Устав.
„Прво мораме да зборуваме за ова. Во однос на реформите во судството одамна го кажавме нашиот став. Освен што мора да зборуваме за правилата и реформите, мора да зборуваме и за кадрите. Кога зборуваме за добри намери, би било добро тие да бидат поткрепени со факти, а не обратно“,
нагласи Карадај.
По овој, следуваше втор состанок, на кој отидоа само БСП, Бугарски подем и Демократска Бугарија. На втората средба беше најавено дека се подготвува верзија на програмската декларација во која ќе бидат опфатени главните национални цели околу кои партиите ќе се обединат за формирање влада.
Кандидатот на Продолжуваме со промените, Денков, тогаш рече дека за време на божиќните и новогодишните празници ќе се работи на изработка на декларацијата и посочи дека конечниот документ ќе биде она што ќе биде презентирано пред сите, а доколку има договор ќе биде презентиран и на пленарна седница
„Не работиме само за мандатот, важно е да ги видиме овие теми што ќе нè дефинираат, без оглед на нашите разлики“,
објасни тој.
На крајот од средбата копретседателот на Продолжуваме со промените и поранешен премиер, Кирил Петков, рече оти верува дека бугарските граѓани гледаат кои се важните приоритети за нив.
„Промената ќе биде малку побавна и малку потешка, но ќе се случи“,
заклучи копретседатело на Продолжуваме со промената.
Според кандидатот за премиер, академик Николај Денков, со декларацијата ќе биде јасно дали Продолжуваме со промените има поддршка за формирање влада.
Конечниот текст од декларацијата, која ќе биде преточена во владина програма, Денков соопшти дека очекува да се најде на гласање во бугарскиот парламент на 5 јануари.
Доколку оваа декларација не биде прифатена од парламентот, Продолжуваме со промените веднаш ќе го врати мандатот за формирање владин кабинет.