„Ако украинските трупи ги напуштат териториите што ги окупираат, тогаш ќе престанеме да се бориме. Ако не го сторат тоа, ние ќе ги постигнеме нашите цели преку воен пат“, рече рускиот претседател во изјава за новинарите за време на работната посета на Киргистан
Рускиот претседател, Владимир Путин денеска изјави дека нацрт-планот за мир што го дискутираат САД и Украина би можел да послужи како основа за идни преговори за завршување на војната, но инсистира на тоа дека Киев ќе мора да предаде територија за да биде можен каков било договор, пренесе „Гардијан“.

Тој потврди дека верзијата на планот за кој разговараа претставници на Вашингтон и Киев во Женева била споделена со Москва.
Според него, во планот биле земени предвид некои од позициите на Русија, но во други делови потребно е да се седне на преговарачка маса.
„Општо земено, се согласуваме дека ова може да биде основа за идните договори. Гледаме дека американската страна ја зема предвид нашата позиција во некои области. Но, во други точки, очигледно треба да седнеме и да разговараме“,
рече Путин.
Во изјава за новинарите за време на работната посета на Киргистан, Путин дели дека Русија ќе ја запре својата офанзива само ако украинските сили се повлечат од области, без да наведе кои, а кои што во моментов се под контрола на Киев.
„Ако украинските трупи ги напуштат териториите што ги окупираат, тогаш ќе престанеме да се бориме. Ако не го сторат тоа, ние ќе ги постигнеме нашите цели преку воен пат“,
рече тој.
Путин, исто така, го повтори своето тврдење дека раководството на Украина е „нелегитимно“, тврдејќи дека ова го прави правно невозможно потпишувањето обврзувачки договор со Киев и дека секое идно решение ќе бара пошироко меѓународно признавање.
Путин потврди дека специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, ќе отпатува во Русија на почетокот од следната недела и ги отфрли обвинувањата дека американскиот пратеник покажал пристрасност кон Москва за време на мировните разговори, оценувајќи ги ваквките наводи како „глупости“.
Виткоф, долгогодишен деловен соработник на Трамп и инвеститор во недвижности, се соочи со критики во Европа и кај дел од политичкиот естаблишмент во САД откако протечен телефонски повик откри дека советува висок помошник на Кремљ за тоа како Путин треба да ги води преговорите со Трамп.
Денешните изјави на Путин, меѓу кои и таа во која го нарекува Володимир Зеленски „нелегитимен претседател“, алудирајќи на неговиот истечен мандат, според гледиштето на „Гардијан“, сугерираат дека, и покрај оптимизмот на Белата куќа, има малку знаци кои засега покажуваат дека е можно придвижување околу главните точки на сопнување, а чие надминување треба да доведе до завршување на војната.
Во оваа насока е коментарот на независната руска политичка аналитичарка, Татјана Становаја, која на платформата Икс напиша дека во моментов не гледа ништо што би го принудило Путин да се откаже од своите основни барања.
„Путин се чувствува посигурен од кога било во врска со ситуацијата на бојното поле и е убеден дека може да почека додека Киев конечно не прифати дека не може да победи и дека мора да преговара за добро познатите услови на Русија“,
пишува таа.
Неколку од условите на Москва се појавија и во оригиналниот план од 28 точки кој протече минатата недела и кој според информациите на дел од медиумите бил подготвен од американски и руски претставници.
Меѓу другото, во планот се бара од Украина доброволно да отстапи територија што Москва не успеа воено да ја освои. Од Киев, исто така, би се очекувало да прифати и намалување или прекин на американската воена помош, додека секое идно распоредување на западни трупи во Украина, вклучително и оние предвидени во рамките на француско-британската „Коалиција на подготвените“, би било експлицитно забрането.
