„Не велиме дека престануваме да учествуваме во оваа операција. Ние велиме дека ја суспендираме“, вели Путин посочувајќи оти Украина мора да гарантира дека нема да има закана за цивилните бродови или за руските бродови за снабдување
Руските власти претходно објавија дека се повлекуваат од договорот за извоз на жито од украинските пристаништа, а како причина за тоа ги посочија наводните напади со украински беспилотни летала врз руската флота на Крим
Русија не го прекина учеството во договорот со Украина за извоз на жито од Црното Море, туку го суспендира. Ова вчера го изјавил рускиот претседател Владимир Путин откако руските власти објавија дека го замрзнуваат учеството во договорот, а како причина за тоа ги посочија наводните напади со украински беспилотни летала врз руската флота на Крим.
„Не велиме дека престануваме да учествуваме во оваа операција. Ние велиме дека ја суспендираме“,
рече Путин.
Путин на прес-конференција во понеделникот кажал дека украинските беспилотни летала патувале низ истите коридори што ги користат бродовите за жито, посочувајќи оти на тој начин е создадена закана и за бродовите од руската флота, кои, како што рекол, мора да ја гарантираат безбедноста на извозот на житото.
„Украина мора да гарантира дека нема да има закана за цивилните бродови или за руските бродови за снабдување“,
рече Путин истакнувајќи дека според условите на договорот, Русија е одговорна за безбедноста.
Рускиот лидер нагласил оти добрата волја на Русија во мировните преговори со Украина е добро позната и не подлежи на промени или сомнежи.
Претходно во понеделникот Кремљ соопшти дека без руски безбедносни обврски, договорот за извоз на жито „тешко е да се спроведе и добива поинаков карактер – многу поризичен и опасен“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Москва дека го уценува светот со глад со повлекување од договорот кој Москва и Киев го потпишаа со посредство на Турција и Обединетите нации (ОН).
По разговорот со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, Зеленски на 31 октомври изјави дека Украина е решена да остане гарант на светската безбедност на храната и да продолжи да извезува жито.
Руските власти претходно објавија дека се повлекуваат од договорот за извоз на жито од украинските пристаништа – договор кој е од витално значење за снабдувањето со храна во светот.
Русија ја обвини Украина дека користи воздушни и поморски беспилотни летала за гаѓање на бродови во заливот Севастопол на Крим и сугерираше дека едно од беспилотните летала можеби е лансирано од цивилен брод што извезувал храна од украинските пристаништа.
Украина ниту потврди ниту негираше дека стои зад нападот, но тврди дека руската морнарица е легитимна воена цел.
Русија и Украина во јули годинава се согласија за деблокирање на украинските поморски пристаништа и извоз на житни култури од оваа земја. Договорот беше потпишан од министри од двете земји на 22 јули, а е со посредство на Обединетите нации и Турција.
Податоците на ОН покажуваат дека по постигнатиот договор, од Украина се извезени повеќе од 9,5 милиони тони пченка, пченица, производи од сончоглед, јачмен, канола и соја.