„Оние кои и даваат оружје на Украина веруваат дека не се во војна со нас. Затоа велам дека тогаш го задржуваме правото да испорачаме оружје во други региони во светот, вклучително и во Северна Кореја“, изјавил рускиот преетседател
Јужна Кореја ќе направи голема грешка ако ја вооружи Украина. Ова го соопштил рускиот претседател Владимир Путин, откако официјални лица во Јужна Кореја најавија дека разгледуваат можност за вооружување на Украина, што би бил нивен одговор на новиот договор меѓу Русија и Северна Кореја, со кој се овозможува двете земји да си помагаат меѓусебно во случај на напад на едната од нив.
„Ако Сеул одлучи да испорача оружје на Киев, Москва ќе донесе одлуки кои веројатно нема да му се допаднат на сегашното раководство на Јужна Кореја“,
изјави Путин.
Рускиот лидер ваквата изјава ја дал во Виетнам, каде отишол по посета на Пјонгјанг, каде што потпиша договор за взаемна одбрана со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.
Јужна Кореја го осуди договорот Русија-Северна Кореја и го оцени како закана за нејзината национална безбедност. Во таа насока, советникот за национална безбедност на Јужна Кореја Чанг Хо-Џин рече дека неговата земја планира да ја преиспита позицијата за вооружување на Украина.
Путин, пак, предупреди дека Москва е подготвена да го вооружи Пјонгјанг доколку САД и нивните сојузници продолжат да ја снабдуваат Украина со оружје.
„Оние кои доставуваат оружје веруваат дека не се во војна со нас. Затоа велам дека тогаш го задржуваме правото да испорачаме оружје во други региони во светот, вклучително и во Северна Кореја“,
рече рускиот претседател.
По коментарите на Путин, кабинетот на јужнокорејскиот претседател објави дека Сеул ќе разгледа различни опции во врска со испораката на оружје за Украина, како дека оваа позиција ќе зависи од тоа како Русија ќе пристапи кон ова прашање.
Властите во Сеул го повикаа рускиот амбасадор Георги Зиновиев да му врачат протестна нота поради пактот Русија-Северна Кореја, барајќи Москва веднаш да ја прекине воената соработка со Пјонгјанг.
Досега Јужна Кореја испрати хуманитарна помош и воена опрема во Украина, но одбиваше да го снабдува Киев со оружје поради нејзината официјална политика да не ги вооружува земјите во војна.
Сега, во Украина, се надеваат дека продлабочувањето на воената соработка меѓу Москва и Пјонгјанг ќе го наведе Сеул да ја преиспита оваа политика.
За време на посетата на Путин на Пјонгјанг, севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун даде, како што рече, целосна поддршка за воената операција на Москва во Украина.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби, рече дека договорот Русија-Северна Кореја треба да ги загрижи сите земји кои се грижат за мирот и стабилноста во регионот.
Според него, договорот не е изненадување, велејќи дека САД со месеци предупредуваат за проширување на воената соработка меѓу Москва и Пјонгјанг.
Портпаролот на владата во Токио, Јошимаса Хајаши изјавил дека Јапонија е сериозно загрижена што Путин не ја отфрли можноста за воено-технолошка соработка со Северна Кореја, додавајќи дека договорот меѓу двете земји е неприфатлив.
Аналитичарите велат дека договорот може да има значителни импликации за регионот и светот.
Покрај можноста Северна Кореја отворено да ја вооружува Русија, договорот може да значи и дека Русија ќе интервенира во секој нов конфликт на корејскиот полуостров.
Двете Кореи технички сè уште се во војна, а тензиите на границата се зголемуваат во последните недели. Севернокорејските трупи изминатите денови накратко ја преминаа границата и се повлекоа откако јужнокорејската војска испука предупредувачки истрели.